Интер во следните 48 часа и официјално ќе ја комплетира продажбата на Андре Онана во Манчестер јунајтед, а италијанскиот гигант веќе извесно време е во потрага по нов голман кој би го наследил Камерунецот на „Џузепе Меаца“. Пред неколку дена се најавуваше дека Интер е пред договор со ветеранот Хуго Лорис, кој е слободен играч по истекот на договорот со Тотенхем, но последните информации говорат дека „нероаѕурите“ ги промениле своите планови.
На врвот на листата со желби се наоѓа Јан Зомер, швајцарскиот голман кој вториот дел од сезонава ја мина на голот на Баерн Минхен. Проблем за Зомер е што во меѓувреме по повредата се врати и Мануел Нојер, па на Швајцарецот му е јасно дека нема да има првотимски статус во наредната сезона. Позитивно за Интер е што во договорот на голманот со Баерн има клаузула за раскин во висина од шест милиони евра, што „нероаѕурите“ без проблем би ја платиле штом ги договорат личните услови со швајцарскиот чувар на мрежата.
Заедно со Онана се очекува од клубот да си замине и ветеранот Ханданович, чиј договор истече летово, па Интер ќе мора да доведе уште еден голман. Во тој правец, веќе се преговара со Шахтјор за 21-годишниот Трубин, кој би ја имал улогата на резервен чувар на мрежата во наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА