Се ближи крајот на преодниот рок, а со тоа се намалуваат и опциите што Даниел Стариџ ги има за продолжување на својата кариера, откако голгетерот најави дека сака да си замине од Ливерпул. Севилја беше сериозно заинтересирана, но се откажа, па сега во главна улога во трката по англискиот репрезентативец се наоѓаат Интер и Вест хем.
Италијанските медиуми тврдат дека Стариџ преферира преселба на „Џузепе Меаца“ во Милано, а Интер веќе испратил и понуда од два милиони евра за позајмица, со опција за дополнителни 28 милиони евра за целосно откупување на неговиот договор со Ливерпул на крајот од сезонава. „Црвените“ инсистираат клаузулата за откуп во летото да биде облигаторна, односно Интер да мора да го откупи Стариџ од Ливерпул за таа сума, наместо „нероаѕурите“ да го искористат голгетерот во текот на следните месеци, а потоа да тактизираат.
Вест хем од друга страна е подготвен веднаш да плати 20 милиони фунти за Стариџ, Ливерпул бара неколку милиони повеќе, но и самиот фудбалер во моментов посериозно ги разгледува понудите што доаѓаат надвор од Премиер-лигата.
Тој инсистира на заминување од „Енфилд“ за да може да се избори за место во англиската репрезентација за СП 2018, па јасно е дека Стариџ ќе мора што поскоро да „пресече“ за следниот чекор во кариерата, за кој зелено светло треба да даде и Јирген Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА