Интер лани доминираше во фудбалска Италија, но ситуацијата летово сериозно се промени. Поради финансиски проблеми беше најавена продажба на клучните играчи, во знак на протест си замина тренерот Конте, потоа Хакими се пресели во ПСЖ, а сега пред трансфер во Челси се наоѓа Ромелу Лукаку.
Исклучително тешко ќе биде да се најде адекватна замена за белгискиот „џин“, особено ако се земе во предвид фактот дека Интер оние 115 милиони евра од продажбата на Лукаку ќе ги искористи за покривање на „минусот“, а не за реинвестиција во друг скап голгетер од највисока класа.
Интер во моментов има две опции, првата е Дуван Запата од Аталанта, кој според стилот на игра е сличен на Лукаку. Колумбиецот има 30 години, а тимот од Бергамо бара 40 милиони евра, па останува да се види дали „нероаѕурите“ ќе се согласат на волкава отштета. „План Б“ е Един Џеко, голгетерот што и во минатото беше поврзуван со Интер. Босанскиот напаѓач е најплатен фудбалер во Рома, „волчицата“ се обидува да најде начин да се ослободи од неговиот скап договор, поради што цената на Џеко би изнесувала „само“ десет милиони евра.
Како и да е, јасно е дека новиот голгетер со квалитетот ќе биде далеку зад Лукаку, што ќе биде сериозен проблем за новиот тренер Симоне Инзаги во одбраната на скудетото.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА