Иван Перишиќ е на добар пат да си замине од Интер откако крилниот офанзивец добил богата понуда од Премиер-лигата за кариерата да ја продолжи на „островот“, и тоа во дресот на Њукасл. Актуелниот договор на Перишиќ со Интер истекува на крајот од сезонава, а Хрватот по куп-триумфот на Јуве ги критикуваше челниците на клубот за одолговлекувањето на преговорите.
Интер му нуди на Перишиќ помала плата од онаа што ја зема во моментов, понудата на „нероаѕурите“ изнесува 4,5 милиони евра годишно вкупно заедно со клаузулите, но Њукасл е подготвен да ги замрси сметките на италијанскиот гигант.
Како што јавуваат италијанските медиуми, премиерлигашот му нуди на 33-годишниот Хрват договор на три сезони со загарантирана плата од 6,5 милиони евра. Перишиќ сериозно размислува да ја прифати понудата и пред крајот на кариерата да се испроба и во Премиер-лигата, откако со голем успех настапуваше и во Бундес-лигата и во Серија А. Њукасл планира неколку квалитетни засилувања за летово, а доведување на искусен играч како Перишиќ без никаква отштета ќе отвори простор за поскапи засилувања за останатите делови од тимот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА