Кристијан Ериксен е многу блиску до трансфер во Интер откако „нероаѕурите“ се договориле со Тотенхем да платат 20 милиони евра како отштета за данскиот плејмејкер. Ериксен вреди многу повеќе, но поради фактот што договорот му истекува на крајот од сезонава, „спарси“ се принудени да го продадат во јануари и да заработат барем нешто од неговиот трансфер.
Зелено светло за заминување на овој првотимец дал и Жозе Мурињо, кому му е јасно дека е подобро незадоволен фудбалер што поскоро да си замине, особено во ситуација кога веќе наголемо размислува за следниот ангажман во кариерата. „Нероаѕурите“ беа во потрага по квалитетен играч за врска, долго преговараа со Барселона за Видал и за Ракитиќ, но откако Тотенхем ја објави цената за Ериксен решија целосно да се насочат кон овој трансфер.
Постигнат е компромис меѓу клубовите, но сега останува уште да се убеди фудбалерот на преселба на „Џузепе Меаца“. Реал Мадрид, Јувентус и Манчестер Јунајтед покажаа сериозен интерес за овој одличен плејмејкер, но „нероаѕурите“ се оптимисти дека ќе успеат да постигнат договор и со Ериксен, за тој да биде значаен адут на тренерот Конте во трката за скудетото.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

