Италијанскиот гигант Интер би можел во август да биде гостин во Струмица на отварањето на новиот тренинг комплекс на Академија Пандев кој е инвестиција на најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев.
Според најавите тренинг центарот во чиј склоп се градат апартмани за престој, игралишта, фитнес центри, тренинг капацитети и игралишта, се очекува да биде пуштен во употреба во август оваа година, а од Академија Пандев планираат звучно европско име со кое официјално ќе се отвори центарот.
„Иако се уште е рано, размислувањата е центарот да биде официјално отворен со звучно европско име и повеќе познати фудбалери, како гости, со кои Горан Пандев настапуваше во својата кариера“ – велат од Академија Пандев.
Остварени се првични контакти за гостувањето на Интер, но се ќе зависи и од подготвителната програма на италијанскиот прволигаш во тој период.
Инаку, во моментов течат и активности и околу изградбата на фудбалскиот мини стадион со капацитет од 500 седишта кој во иднина треба да биде домашен терен на Академија Пандев. Токму со отварањето на новиот центар, од Академија Пандев се надеваат дека во август ќе го прославуваат и влезот во прволигашката конкуренција за следната натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА