Италијанскиот калчолигаш Интер ќе се обиде значително да го засили својот тим во летниот преоден рок, откако раководството на клубот одобри зголемен буџет по кинеските инвестиции. Приоритет е да се засили одбраната и средниот ред, а освен Стефан Де Вриј од Лацио, „нероаѕурите“ имаат за своја цел уште еден фудбалер од „Олимпико“. Меѓу желбите на Интер се наоѓа и името на холандскиот интернационалец Кевин Стротман од Рома.
Играчот за врска имаше огромни проблеми со повредите изминатите години и не блесна во полн сјај во Рома, но неговиот квалитет е несомнен, па тој треба да биде новиот плејмејкер во играта на тимот од „Џузепе Меаца“. Евер Банега најверојатно ќе си замине, Марсело Брозовиќ исто така има неколку понуди, а Кондогбија не ги исполни очекувањата. Затоа тренерот Пиоли и раководството на Интер таргетираат нов играч за врска.
Според италијанските медиуми, Интер е подготвен да плати околу 22 милиони евра за Стротман, на кого договорот со Рома му истекува во јуни 2018 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА