Интер наместо лесно до три, спасуваше еден бод во Монца

Интер го забележа и второто гостинско реми сезонава на меч на кој актуелниот првак важеше за фаворит откако „нероаѕурите“ вечерва ремизираа 1-1 на мечот во Монца (1-1). Тимот на Симоне Инзаги делуваше дефокусирано и целосно надвор од ритам, со очигледни знаци на невоиграност откако голем дел од првотимците последните десетина дена ги минаа со своите репрезентации.

Неколкуте полушанси во првиот дел и слабите реакции на Лаутаро Мартинез, Турам и на Фратези беа јасен предзнак за проблемите на актуелниот првак на Италија. Алесандро Неста на спротивната страна одлично ја имаше поставено одбраната на Монца, која не им дозволи на гостите да влезат во стопроцентна шанса. Инзаги ги замени напаѓачите, ротации направи и во средниот ред, но Интер се мачеше да искреира сериозна ситуација во противничкиот шеснаесетник.

Шокот за шампионот беше уште поголем кога Мота одлично се снајде на десет минути до крајот и со прецизен удар со глава донесе водство од 1-0 за Монца. Гостите тргнаа во офанзива, преку Дамфрис израмнија на 1-1, но тоа беше се што Интер успеа да стори на овој меч.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...