Интер нема пораз во полуфинале во ЛШ на „Меаца“, може ли Барселона да ја прекине традицијата?

Интер или Барселона? Кој ќе биде првиот финалист, ќе биде познато вечерва, откако се игра реваншот од полуфиналето во најелитното европско клупско натпреварување. Првиот меч беше спектакуларен и заврши со нерешени 3-3. Интер имаше предност, но на крајот Барселона успеа да се спаси и да дојде до нерешен резултат, со што вечерва се почнува од „нула“.

Интересен е податокот дека Интер нема пораз на свој стадион кога станува за полуфиналните натпревари. За Барселона директно да се пласира во финалето, ќе мора да ја сруши оваа традиција, нерешено носи продолженија и евентуални пенали, додека победа на Интер го носи тимот на „нероазурите“ во големото финале во Минхен.

„Очекувам силен Интер. Го знаеме значењето на овој натпревар, но ќе треба да дадеме максимум пред многу силна екипа, чија класа веќе ја почувствувавме на сопствениот грб. Ќе ни треба Интер кој е јасен во своите намери. Го знаеме квалитетот на Барса и нивниот пресинг. Ова е најофанзивниот тим во светот. Имам огромна почит кон Ханси Флик. Гледам како тренираат моите играчи и тоа ми дава самодоверба. Немам што да им кажам – само восхит. Мораме да сториме се Јамал да не ја добие топката, но тоа е невозможно. Мораме да му посветиме големо внимание, тој е исклучителен талент, и секогаш опасен. Ме импресионира со својата брзина и размислување“, рече Симоне Инзаги, тренерот на Интер.

Од друга страна Барселона очекува да ја продолжи битката за сите трофеи сезонава.

„Не мислам дека треба да им вршиме поголем притисок на играчите. Веќе имаме освоено два трофеи, никој не знаеше на почетокот на сезоната каде ќе бидеме сега. Уживаме во овој момент. Им кажав на играчите дека ќе мора повеќе да внимаваме на одбраната, и можеби ќе има некои промени. Интер е силен тим со многу искуство. Играчите треба да уживаат во ова полуфинале и да покажат колку се добри“, рече Флик.

Се вчитува...