Интер носи уште еден напаѓач, и тоа бесплатно

Интер извонредно ја стартуваше новата сезона, но „нероаѕурите“ решија дополнително да го засилат тимот на напаѓачката позиција. Преодниот рок е завршен, но тоа нема да претставува никаков проблем бидејќи станува збор за слободен играч кој би потпишал без оштета и веднаш би можел да биде регистриран во новиот клуб.

Аргентинецот Папу Гомез е последниот „џокер“ на Симоне Инзаги, кој во наредните денови би требало и официјално да потпише договор на две години со Интер и да биде адут на овој тим во атакот на шампионското скудето. Тој е без ангажман откако минатиот месец го раскина договорот со Севилја, на маса има неколку понуди, но приоритет за овој фудбалер е враќање во Калчо-лигата, каде бележеше одлични настапи во дресот на Аталанта.

Тој настапуваше шест и пол години за тимот од Бергамо, но на крајот мораше да си замине поради конфликт со тренерот Гасперини. Тогаш Интер покажа сериозен интерес за Гомез, но Аталанта не сакаше да го продаде на директен ривал и за 6,5 милиони евра го продаде во Севилја. Папу не се прослави во андалузискиот клуб, но сега е многу блиску до камбек во италијанскиот фудбал, и тоа во тимот со највисоки амбиции предводен од Симоне Инзаги.

Се вчитува...