Интер осигура два важни потписи

Интер обезбеди значаен потпис откако актуелниот европски вицепрвак ја продолжи соработката со Алесандро Бастони, потпишувајќи нов договор со важност до 2028 година.

Бастони пристигна во Интер од Аталанта во 2019 година за сума од 30 милиони евра и е стандарден дефанзивец на „нероаѕурите“ во последните неколку сезони. Овој 24-годишен фудбалер имаше само уште 12 месеци од договорот, за неговите услуги се интересираа Тотенхем и Манчестер Сити, но челниците на Интер успеаја да најдат заеднички јазик за соработката да продолжи уште долго.

„Пресреќни сме што можеме да објавиме дека е постигнат договор за продолжување на престојот на Алесандро Бастони во нашиот клуб. Новиот договор е со важност до 2028 година“, објави Интер на клупската веб-страница.

Триесетина минути подоцна, челниците на Интер повторно ги израдуваа своите навивачи објавувајќи дека е постигнат нов договор и со Хакан Чалханоглу. Турскиот репрезентативец е миленик на навивачите откако се приклучи на нивниот клуб од лутиот ривал Милан, а Чалханоглу по новиот потпис ќе остане во клубот најмалку до 2027 година.

Се вчитува...