Челниците на Интер се решени да најдат начин да го вратат Ромелу Лукаку назад во своите редови, откако белгискиот ас се разбуди во финишот од ланската сезона и даде неколку значајни голови со кои „нероаѕурите“ стигнаа до место кое води во ЛШ. Иако беше трагичар во големото финале од ЛШ со Манчестер Сити, тренерот Инзаги и директорот Марота се убедени дека Лукаку може да им биде од огромна помош, па неодамна испратија и втора понуда до Челси за овој фудбалер.
Интер понуди пет милиони евра за позајмица на една година, со опција за откуп на договорот за дополнителни 30 милиони евра на крајот од сезонава. Челси беше со став дека Лукаку нема да замине на нова позајмица, па лондонскиот клуб сега е подготвен на компромис, би прифатил едногодишна позајмица, но само доколку во неа има клаузула за задолжителен откуп наредното лето. Кај двете страни постои оптимизам дека би можел да биде најден заеднички јазик, со надеж дека целосен договор би можел да биде постигнат најдоцна до почетокот на месец јули, за Белгиецот од самиот старт на подготовките да му се стави на располагање на Инзаги.
„Нероаѕурите“ веќе го ангажираа Маркус Турам како освежување за нападот, но приоритет за овој преоден рок им е токму Лукаку. Белгискиот голгетер е желба и на Милан, но Ромелу јасно стави до знаење дека приоритет му е враќање назад во дресот на Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА