Интер подготви мега-понуда за Донарума

Интер остана без трофеј минатата сезона, што беше причина за палење на аларм и подготвување за офанзива на трансфер-пазарот во овој преоден рок.

Конфликтот меѓу Чалханоглу и Лаутаро само ќе го забрза процесот на заминување на турскиот играч за врска, а се очекува заедно со него клубот да го напушти и искусниот голман Јан Зомер. Во Интер владее размислување дека Зомер веќе го има надминато својот врв, формата му се движи во надолна линија и најдобро за сите ќе биде ако тој си замине летово, а на негово место пристигне врвен голман.

Сон на „нероаѕурите“ е во Италија да го вратат поранешниот голман на Милан, Џиџо Донарума кој сезонава блескаше во дресот на ПСЖ. Италијанскиот репрезентативец се уште нема донесено одлука за иднината, договорот со ПСЖ му истекува за помалку од 12 месеци, а Донарума тактизира во преговорите за продолжување на соработката. Челниците на Интер се подготвени да сторат се за да го убедат да се врати во Милано, подготвувајќи му петгодишен договор под одлични услови.

Со тој договор, Донарума би заработувал 7,5 милиони евра во наредната сезона, но платата би му растела од година во година и би изнесувала 11 милиони евра во последната сезона од оваа петгодишна соработка.

Останува да се види дали „нероаѕурите“ ќе успеат во својата намера, што нема да биде нималку лесно бидејќи дури и доколку Донарума прифати, ќе биде тешко да се најде заеднички јазик со раководството на ПСЖ околу висината на отштетата за овој стандарден првотимец на „светците“.

Се вчитува...