Интер е на добар пат да заврши огромна работа откако преговорите за нов договор со Федерико Димарко влегоа во завршна фаза и се очекува офанзивниот лев бек најдоцна до крајот на годинава да потпише нов договор.
„Нероаѕурите“ се презадоволни од изданијата на Димарко, но самиот фудбалер делуваше исфрустрирано во дел од ланската сезона, дури почнувајќи и отворено да ги критикува тактичките замисли на Симоне Инзаги. Ситуацијата е многу поразлична откако Киву дојде на клупата, Димарко има слобода во играта и дејствува поофанзивно во однос на претходните сезони. Репрезентативецот не крие дека е презадоволен од промените, испраќајќи сигнали дека е подготвен да ја прифати понудата што му беше доставена уште во текот на летото.
Левиот бек има договор со Интер до јуни 2027, но „нероаѕурите“ се решени да го „врзат“ во текот на оваа сезона, да не дозволат следното лето тој да влезе во последната година од договорот со што и вредноста на пазарот значително би му се намалила.
Димарко сезонава настапи на шест средби за Интер, при што забележа два гола и три асистенции, воедно е и лидер во Серија А за креирани шанси (22) и креирани стопроцентни шанси за соиграчите (11).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

