Антонио Конте следната седмица ќе биде промовиран во нов тренер на Интер, по што управата на „нероаѕурите“ ќе се обиде да му ја исполни големата желба на овој стратег – на „Џузепе Меаца“ да го доведе Ромелу Лукаку. Конте пред нос остана без белгискиот џин во Челси откако Жозе Мурињо на договорен трансфер го претрка и го одведе во Манчестер Јунајтед, но „ѓаволите“ сега не се премногу импресионирани од неговите настапи и сакаат да го продадат во летниот преоден рок.
Проблем за Интер е што Јунајтед го проценува Белгиецот на 70 милиони евра, па италијанскиот гигант затоа планира во понудата да го вклучи и Иван Перишиќ. Поточно кажано, првата понуда на „нероаѕурите“ ќе изнесува Перишиќ плус 20 милиони евра, со надеж дека истата ќе биде прифатена, па Лукаку веќе до крајот на месецов би пристигнал на лекарски прегледи во Милано.
Хрватскиот ас беше желба на Манчестер Јунајтед додека Мурињо седеше на клупата на овој клуб, па интересно ќе биде да се види дали Солскјер ќе даде зелено светло за една ваква размена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА