Интер тргна во офанзива за потписот на Бенжамин Павар, откако актуелниот европски вицепрвак испрати и официјална понуда до Баерн Минхен за услугите на францускиот дефанзивец.
Павар не е дел од плановите на Тухел за првиот тим, згора на тоа договорот му истекува за помалку од дванаесет месеци, па јасно е дека Баерн ќе инсистира на негова продажба во овој преоден рок. „Нероаѕурите“ се убедени дека овој фудбалер може да им помогне и како централен дефанзивец (во формација со тројца во линија) и како офанзивен десен бек, поради што во изминатите денови ги интензивираа преговорите со баварскиот гигант.
Пред извесно време се чинеше дека Павар е многу блиску до трансфер во Манчестер Јунајтед, но ситуацијата се искомпликува за „црвените ѓаволи“. Имено, Тен Хаг планираше да ги искористи априте од продажбата на Мегваер во Вест хем за да го доведе Павар, но откако тој трансфер пропадна, „ѓаволите“ немаат буџет за да го комплетираат ангажманот на дефанзивецот на Баерн. Токму тоа се обидуваат да го искористат челниците на Интер, кои сакаат до крајот на оваа седмица да го комплетираат трансферот на Павар и да ја заокружат дефанзивната линија за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА