Интер триумфално влезе во новата година, совладувајќи го Кротоне со убедливи 6-2 за осма победа во низа во Калчо-лигата. Сепак, тренерот Антонио Конте се соочува со сериозен проблем по повредата што во второто полувреме ја заработи Ромелу Лукаку, поради што белгискиот голгетер најверојатно ќе мора да мине извесно време надвор од терените.
„Нероаѕурите“ делуваа „заспано“ во почетните десетина минути, а Кротоне го искористи тоа и изненадувачки поведе преку Занелато. Тоа беше знак за будење на тимот на Конте, кој набрзина направи целосен пресврт, Лаутаро најпрвин го израмни резултатот, а Аргентинецот учествуваше и во акцијата во која Марона со автогол донесе водство на Интер. Видал направи пенал по кој Кротоне израмни на 2-2, но потоа во вторите 45 минути следеше апсолутна доминација на домашните фудбалери.
Интер поведе со 3-2 благодарение на Лаутаро Мартинез, на 4-2 зголеми Лукаку, а Лаутаро потоа зголеми и на 5-2, комплетирајќи го својот хет-трик за идеален почеток на новата сезона. Конечните 6-2 ги постави Ашраф Хакими на асистенција на Дармијан.
„Нероаѕурите“ моментно имаат два бода предност во однос на Милан на врвот на табелата, но „росонерите“ вечерва од 18 часот му гостуваат на Беневенто во својот премиерен дуел во 2021 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

