ИНТЕРВЈУ – Александар Ставрев: Тоа што станав судија ми е најдобра одлука во животот…

Александар Ставрев, нашиот најдобар фудбалски судија, сигурно долго ќе го памети натпреварот во Лигата на Европа меѓу Порто и данскиот клуб Митлијанд, на прекрасниот стадион  „Драгао“ на кој за последен пат во својата богата и блескава кариера ја делеше правдата на зелениот терен. Овој меч ќе го потсетува на изминатите 26 години откога ја почна судиската кариера,  на отсудени 1026 мечеви, од кои 879 на домашна сцена и 148 како меѓународен судија, откако 2006 година го доби на дресот знакот  на ФИФА.

За овие 19 години како меѓународен судија Ставрев има отсудено 14 мечеви во Лигата на европските шампиони, 56 во Лигата на Европа, 8 во Конференциската лига и 5 во Интер тото купот. Во квалификациите за светските и европските првенства ја делеше правдата на 20 натпревари  на „А“ репрезентативни селекции.

Според евиденцијата, што ја пронајдовме во неговата биографија, Ставрев на терените  во Македонија има судено на 878 натпревари, 371 во Првата, 73 во Втората лига, 9 бараж средби, 15 куп мечеви, од кои 5 финални и 1 супер куп. Навистина импресивна биографија на најдобриот македонски судија.

Долго разговаравме со Александар Ставрев, сигурно читателите на „Екипа“ ќе ги интересира  зошто се определил токму за судењето, покрај многуте спортови кои ги интересираат младите.

– Многу го сакав фудбалот, но некако во тие млади години, како дете повеќе ме привлекуваше скијањето,  не играв  фудбал  на мали голчиња со другарите во наше маало. И Јас денес не можам точно да кажам зошто ме привлече судискиот повик и тоа во фудбалот. Сигурно, по сето што го доживеав како судија за овие изминати 26 години на зелениот терен, тоа беше најдобра одлука во мојот живот.

Колку е тешко да  се биде фудбалски судија?

– Патот да се стане судија, особено на високо меѓународно ниво е многу тежок и долготраен. Потребни се многу жртвувања, откажувања, време посветено на тренинзи и едукација, многу патувања, оделеност од семејството, отсуства од работното  место. Не е лесно да се усогласи сето тоа. За да се добие потребното искуство и авторитет потребно е да се отсудат голем број натпревари, да  се издржат разни притисоци, тука има и разочарувања доколку се направат некои ненамерни грешки во судењето.

Судија мора да се трча 90 минути на еден меч, како Вие ја одржувате физичката подговеност?

– За да се следи играта и носат исправни одлуки, на најквалитетни натпревари, потребна е изонредна физичка подготвеност за секој судија. Јас тренирам 5 до 6 пати неделно, практикувам и разни вежби за цврстина и превенција од повреди, внимавам и на начинот на исхрана, водам дисциплиниран спортски живот така што и тука треба доста жртви и откажувања.

Што е најважно за еден фудбалски судија?

– Има повеќе битни сегменти за врвен судија, но ако треба да издвоиме еден тогаш тоа би бил персоналитетот на судијата и неговите особини да менаџира со играта и играчите. Не е секогаш најдобар оној судија што ќе ги донесе сите исправни одлуки на теренот. Напротив, добар судија е оној чија погрешна одлука ќе ја прифатат сите. Затоа е битно судијата да се наметне со својот  авторитет, непристрасност и објективност кај екипите и фудбалерите

Колку е значајна соработката со помошните судии, со кои најчесто соработувавте?

– Судењето е тимска работа, без добри асистенти не може квалитетно да се отсуди натпревар. Јас ја имав таа среќа што секогаш со мене беа најдобрите наши асистент судии. На почетокот тоа беа Љубомир Крстевски-Крцулот и Марјан Кировски, во последните години се менуваа Дејан Костадинов, Гоце Петрески и Куштрим Лика кои одлично ми помагаа на секој натпревар. Соработував и со четврти судија. Тоа беа Димитар Мечкаровски, Горан Спирковски, Дејан Јакимовски и Игор Стојчевски.

Што беше за Вас судењето?

– Единствени и  незаборавни патувања, што  секогаш ќе се паметат и раскажуваат. Посети на држави,  градови и стадиони, кои веројатно никогаш приватно не би ги посетил.

Во кои држави во Европа, членови на ФИФА, немате судено?

– Досега никогаш не сум судел во Естонија, Фарски Острови, Андора и Гибралтар.

Сте суделе на многу познати клубови и репрезентации. Набројте некои од нив?

– Ги има повеќе: Барселона, Валенсија, Баерн Минхен, Јувентус, Челзи, Фенербахче, Порто, Бенфика, Наполи, Севилја, Фиорентина, Зенит, од репрезентациите: Германија, Франција, Русија, Австрија, Данска,  Норвешка..

Видовме и една ваша фотографија кога судевте во снежни услови. Какво е тогаш чувството за судењето?

– Многу пати сум судел  по дожд и кога врне  снег. Малку се потешки условите за судење, кога врне снег, видливоста е послаба, треба повеќе да се трча.

Досега други го оценуваа вашето судење, сега Вие ќе бидете контролор. Се подготвувате ли за новата улога?

– Да, со нетрпение го очекувам моментот да седнам од спротивната страна на масата во улога на контролор. Но јас повеќе го гледам тоа како можност, преку поддршка на судиската екипа да се биде нивни учител или едукатор. Мислам дека тоа треба да  биде улога на еден контролор,  а не да се бараат грешки и да се пишуваат оценки. Ќе се обидам со поинаков пристап, во еден отворен разговор, самите судии да дојдат до заклучок зошто се случила одредена грешка  и како тоа да  не се повтори. И што можеле да направат за подобар впечаток кај екипите и играчите.

М.Мицковиќ

Се вчитува...