Дјуана Бонер е кошаркарката која треба да помогне да се направи толку посакуваниот чекор напред во женската репрезентативна кошарка. Американката која денеска и официјално доби македонски пасош во ноември ќе му биде на располагање на селекторот Лазовски, за финишот од овој квалификациски циклус, но и за идните предизвици. За очекување е Македонија комплетна со Јелена Антиќ и останатите кошаркарки кои сега се повредени, а засилена со Бонер, да биде достоен ривал за сите селекции.
Таа е двократна шампионка во ВНБА-лигата, еднаш избрана за олстар викендот, а три пати го освојуваше признанието за најдобар шести играч во најсилната лига во светот. Американката има 192 сантиментри, но делува извонредно од атлетски аспект, па веднаш е очигледно дека може да настапува на неколку различни позиции.
„Ако треба да се споредам со некој од актуелните кошаркари во НБА, тогаш тоа е Кевин Дурант. Тој е кошаркар со слични физички предиспозиции како мене, исто така покрива неколку позиции во тимот, па јас не кријам дека гледам негови видеа, се обидувам да „украдам“ некоја финта и потоа да ја употребам во мојата игра“ – истакнува Дјуана на почеток од разговорот за ЕКИПА.
А како дојде до тоа така исклучително квалитетна кошаркарка да го облече дресот на македонскиот национален тим, Бонер за главна „виновничка“ ја посочува Моника Гавриловска, генералниот секретар при МКФ.
„Беше остварен контакт со Моника преку мојата менаџерка. Ми се допадна идејата да дојдам во Македонија и да помогнам во популаризацијата на женската кошарка. Разговаравме извесно време, за малку не стигнавме со техничките детали за да можам да играм во февруари, но еве денеска ги земам документите и веќе имам право за настап. Има време до ноември кога се првите наредни натпревари, а јас со нетрпение чекам да почнам да играм за Македонија“ – вели Бонер.
Таа не е детално запознаена со квалитетите на репрезентативните колешки, но затоа е позна со елан да го пренесе своето знаење, па амбициозно најавува и победи во црвено-жолтиот дрес.
„Дефинитивно сакам да победувам, како на клупски, така и на репрезентативен план. Свесна сум за резултатите на последните средби, но мислам дека кога ќе бидеме комплетни можеме да играме квалитетна кошарка. Тука сум да помогнам на секој можен начин, не само резултатски, туку и да ја кренеме популарноста на женската кошарка. Ми се допаѓа целокупниот проект и сакам да помогнам колку што ќе можам, во времето што ќе го минам во Македонија“ – истакнува новата македонска репрезентативка.
Трансферот во Феникс меркјури и е веќе договорен, но ВНБА-лигата вообичаено се игра во текот на летото, по што најдобрите кошаркари од САД потпишуваат со клубови од Европа. Таа сезонава настапува за Прага, а нема дилеми дека и по завршувањето на ВНБА ќе се врати назад на „Стариот континент“.
„Убаво ми е во Прага, прекрасен град со позитивен дух. Договорот ми истекува на крајот од сезонава, потоа одам за Феникс, по што ќе се вратам назад во Европа. Немам договорено клуб за наредната сезона, но очекувам тоа да не биде проблем. Како и да е, се гледаме повторно во ноември, на почетокот од моите настапи за Македонија“ – зрачи со оптимизам Американката која сигурно ќе биде големо засилување за нашиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА