ИНТЕРВЈУ – Илчо ЃОРЃИОСКИ: Иднината на македонскиот фудбал не е во рацете на поединец, но во секој од нас!

Фудбалската федерација на Македонија е само една од двете национални федерации, покрај Ракометната федерација, кои за 2017 година на македонскиот спорт му обезбедија настап на Европско првенство.

ФФМ, на чело со Илчо Ѓорѓиоски, ја има зад себе можеби најуспешната година во историјата на македонскиот фудбал, со донесен во Македонија – УЕФА Супер куп, со обезбедено прво учество на наш национален тим на Европски шампионат. Дефинитивно, пласманот на Европското првенство во Полска на македонската репрезентацијата до 21 година ја одбележа годината што измина, нешто што, без сомнение, може и тоа како да го направи горд првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски…

„Имаме победничка екипа до 21 година, одлична репрезентација. Навистина сме среќни што ќе бидеме дел од Европското првенство во Полска. Секогаш е убаво да се сподели радоста за тоа што го направивме со младите селекции, но и да се соочиме со предизвиците кои ни следат. Не сакаме, ниту смееме да им наметнуваме товар за успех, но посакуваме добро да се подготват за историскиот шампионат. Тие се иднината на македонскиот фудбал, би можеле да ја предводат А селекцијата на големо натпреварување. Им посакувам многу среќа, се надевам дека македонскиот фудбал после две децении конечно не сплоти и израдува. За нас е најважно што им даваме импулс на сите млади селекции, вклучувајќи ја и фудбалската академија. Годинава и младите репрезентативци до 17 години имаа забележителни настапи во квалификациите за пласман во елитната фаза на УЕФА. Селекцијата до 17 години само поради еден жолт картон не обезбеди место меѓу најдобрите во Европа. Тие репрезентации се нашиот влог во иднината, генерации на фудбалери за годините кои доаѓаат. Резултатите на тие селекции се нивни успех, ја делиме одговорноста за поразите. На тој начин функционираме и тоа не ни пречи, напротив“вели Ѓорѓиоски во интервјуто за официјалната интернет страница на ФФМ.

IMG_6469

Речиси без исклучок, после секој натпревар на репрезентацијата, а тоа посебно се однесува на најдобрата селекција, прстот за резултатите е вперен кон раководството на ФФМ. Македонската А репрезентација никогаш не била блиску до пласман на големо натпреварување, ниту кога во репрезентацијата играле и многу поголеми имиња од сегашните, но јавноста секогаш имала големи очекувања, а федерацијата секогаш била главниот виновник за резултатите. Ви пречи ли таа перцепција?

„Знам што значи фудбалот, сум играл фудбал и имав привилегија да бидам и на терен и во соблекувална и на клупа како тренер. Најлесно е да се критикува и не бегаме од конструктивните забелешки, но убеден сум дека работите ќе се променат на подобро. Не затоа што тешко ги поднесуваме критиките, туку заради резултатите кои ќе бидат подобри. Јасно е дека резултатите на А селекцијата не се најдобри, но верувам дека сме на вистинскиот правец. Во овие квалификации бевме надиграни единствено од Шпанија. Одигравме одлични натпревари против Италија, Израел и Албанија. Навистина немавме среќа да се израдуваме на добар резултат, но напредокот во играта и посветеноста на тимот го видоа сите. За А репрезентацијата често се говори малку потценувачки, но мора да сфатиме дека таа репрезентација е на сите нас и треба да и дадеме максимална поддршка. Ако после таков несреќен пораз какви што имавме во овие квалификации душата го боли еден Горан Пандев, тогаш знаете дека се бореле и спортски и со срце. Ние повеќе од дваесет години имаме само редок резултатски блесок и брзо враќање во реалноста. Општиот впечаток е дека на националниот тим му недостасува “непозната“ за остварување на голем резултат, но мораме да продолжиме да веруваме, да имаме страст за репрезентацијата“.

ОПШТИНИТЕ МОРА ДА ГО ПОЧИТУВААТ ДОГОВОРОТ СО ФФМ И ТИЕ ДА ВЛОЖАТ ВО ФУДБАЛСКАТА ИНФРАСТРУКТУРА

Велите ФФМ е способна институција и доволно моќна да ги поддржи важните проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории. Кои се приоритетите на федерацијата за оваа година?

„Тоа секако е прашањето за инфраструктурата. Инвестициите во развој на фудбалската инфраструктура се клучни за развојот на фудбалот. ФФМ благодарение на својата посветеност работи стабилно и може да се грижи не само за своите репрезентации туку и да вложува во големи проекти како изградба на тренинг центри и инфраструктурни проекти во фудбалските центри, како што тоа го правиме на стадионите во Битола, Прилеп, Штип и Струмица. ФФМ, меѓутоа бара поддршка и од локалната самоуправа, да вложат и тие во подобрување на фудбалската инфраструктура, во проекти кој ќе им овозможат на децата да се занимаваат со фудбал во услови какви што имаат децата и младите во другите земји. ФФМ бара вложување во стадионите кои речиси без исклучок генерираат поголеми средства во фудбалот, а клубовите прави да бидат поуспешни. Општините мора да се придржуваат до роковите и да ги почитуваат потпишаните обврски од договорите. Сигурни сме дека вложувањето во инфраструктурата повторно ќе ги врати љубителите на спортот на нашите натпревари и ќе овозможи да поставуваме нови цели кои ќе не водат до успех. Секако, еден од главните приоритети останува развојот на младинскиот фудбал. Направивме голема работа со фудбалската академија која е во рамки на ФФМ, но наша цел е да им помогнеме и на клубовите да ја развијат нивната младинска база. По направената евалуација од страна на тренерите и стручните кадри од академијата и од Уефа во наредниот период ќе се фокусираме на два многу значајни проекти за младинскиот фудбал. Програмата на УЕФА за развој на млади елитни фудбалери ќе се обидеме заеднички да ја реализираме и со клубовите. ФФМ и логистички и финансиски ќе им даде поддршка на клубовите за работа со деца од 7 до 12 години по врвната англиска „Кервер“ програма, а младите на возраст од 12 до 16 години ќе работат според програмата на Уефа за млади елитни фудбалери. Ако тој начин на работа носи резултат со повеќе од 300 млади фудбалери од академијата на ФФМ, ќе биде од голема корист и за повеќе од седум илјади деца кои тренираат во клубовите“.

ФФМ често се прозива за клупскиот фудбал…

„Ги унапредивме сите служби во различни натпреварувања, од судиската организација преку делегатите до контролорите, постигнавме поголема ефикасност во арбитражата и дисциплинските постапки. Ние не можеме да излеземе од сопствената кожа, инфраструктурата, големината на нашиот пазар – сето тоа се објективни околности на кој не можеме да влијаеме и поради што не можеме да бидеме Бундеслига. Но, ние работиме лигата да биде подобра, се фокусираме на развојот на инфраструктурата, струката и овозможуваме поквалитетна институционална поддршка на клубовите. Фудбалската федерација им пружи рака за соработка на институциите и корпоративниот сектор, таму каде што фудбалот значи промоција“.

Годинава не очекува веројатно најголемиот настан кој имаме прилика да го организираме – Супер Куп финалето на УЕФА. Ќе бидеме ли подготвени за успешна организација?

„Кандидатурата за Скопје 2017 домаќин на европскиот Супер Куп беше одлука на ФФМ. Тоа беше наш сон, да добиеме прилика да организираме еден од најголемите проекти во самостојна Македонија. За успешна организација се уште ни е потребен апсолутен консензус и максимална поддршка од градот и македонската држава. Финалето на УЕФА Супер Купот е огромен настан кој ќе донесе бројни краткорочни и долгорочни користи  за нашата земја, нашата економија и нашиот фудбал“.

НЕ СЕ ПЛАШИМЕ ОД КРИТИКИТЕ… НАЈЛЕСНО Е ДА ПИШУВАТЕ ПИСМА, СООПШТЕНИЈА, ДОПИСИ…

Дел од јавноста помалку и потценувачки гледаше на проектите на ФФМ за 2016 година, па дури и ви лепеа етикета дека ФФМ е „градежна фирма“, кандидатурата за Европскиот Супер Куп ја сметаа за про форма, а пласманот на ЕУРО 2017 илузија?

„Не потценувам ничие мислење, но имам среќа или несреќа да бидам претседател на ФФМ во годините кога некои работи мораа да се направат. Можеби во блиска иднина поради тие проекти ќе бидам означен како најлошиот, а можеби и како најдобриот претседател на федерацијата. Факт е дека за повеќе од две децении ние немавме изградено ниту еден терен или игралиште. Ако некои луѓе сметаат дека со изградбата на десет терени со вештачка трева, со изградба на модерен тренинг центар и „Куќа на фудбалот“ и голема помош од ФФМ пет општини во државата да добијат репрезентативни стадиони ние сме „градежна фирма“, тогаш во ред, со драго срце ја прифаќам таа квалификација. Супер Куп финалето е најголемиот фудбалски настан во регионот и ние го добивме. Единствено погрешивме со пласманот на репрезентацијата на Европското првенство. Во стратешкиот план на ФФМ предвидовме дека ќе играат бараж. Нека не обвинуваат за такви грешки и во иднина. Најлесно е да пишувате писма, соопштенија, дописи… Од тоа баш никој нема корист, најмалку македонскиот фудбал. Се навикнавме на тие постапки и вниманието ни е насочено кон сосема други работи“.

ilco gjorgjioski sam FFM sobranie

На изборното Собрание на ФФМ повторно ќе ја барате довербата од членките на Фудбалската федерација на Македонија. Каде ги гледате најголемите предизвици?

„Се надевам дека нема да се уморам да работам за фудбалот. Функцијата претседател не е само фотеља, претседател може да се биде само додека се работи, а на другите оставам да коментираат што сме направиле досега. На Собранието бараме да се продолжи досегашната политика и стратегија на ФФМ. А, тоа значи целосен фокус на инфраструктурните проекти, влогот во младинскиот фудбал, почитувањето на Националната стратегија, овозможување на сите потребни услови за подготовка на репрезентациите. Во иднина сакам пред се солидарност и почитување. ФФМ е стабилна институција и никогаш, барем додека сум јас на чело на федерацијата нема да се умориме помагајќи за фудбалската база и влогот во младите, како што помагаме и во лигата. Иднината на македонскиот фудбал не е во рацете на поединец, па ниту само на Фудбалската федерација на Македонија. Таа е во рацете на сите нас, ние сме армија од 40.000 луѓе кои секојдневно тренираат и бараат начин да го подигнат нивото на македонскиот фудбал“.

Се вчитува...