ИНТЕРВЈУ – Ива Пројковска: Судењето е мојот живот…, почнав да судам од некој инает…!

Ива Пројкоска, нашата најдобра женска фудбалска судијка, која единствена од Македонија е во елитната група на 20 најдобри европски судии, сигурно долго ќе ја памети изминатата 2024 година. Година за незаборав за неа бидејќи беше прв судија од Македонија кој судеше на едно светско првенство, и тоа на отворањето на женскиот Мундијал за фудбалерки до 20 години во Колумбија, на мечот меѓу Северна Кореја и Аргентина. Во 2024 година отсуди четири натпревари во Лигата на европските шампиони, шест во квалификациите за Европското првенство, три во Лигата на шампиони за млади како и шест мечеви во Првата лига на Македонија, докажувајќи дека и жените можат успешно и тоа како да се носат со „машката професија“.

Овој пат, за ЕКИПА, Ива Пројкоска, подетално зборува за досегашната нејзина кариера, почетоците, натпреварите, патувањата, државите во кои судела, низ еден подолг разговор во кој ги открива своите досегашни искуства, ставови, размислувања и идни планови.

Дали се занимававте со некој спорт пред да станете судија и што Ве привлече кон судискиот позив?

„Секогаш го сакав спортот, прво почнав да играм кошарка, потоа тренирав карате, на крај дури играв и фудбал, бев лево крило. Судењето ме привлече од некој инает затоа што секогаш кога играв, добивав впечаток дека судиите се против мене, мислев дека сум во право, дека тие грешат, особено кога ме „фаќаа“ во офсајд“.

Кои беа Вашите први судиски почетоци?

„Како и секој судија почнав да судам во детските лиги кои за разлика од денес не беа на така високо ниво организирани, а потоа и во општинските лиги“.

Која година добивте звање постојан судија, кога почнавте да судите во македонската лига, кога меѓународни натпревари?

„Постојан судија сум точно 22 години, поточно од 2003 година, на единствената листа кака асистент судија бев една година, од 2007/08. Како главен судија, за да можам да судам на машките екипи од 2023, а знакот на ФИФА како меѓународен судија го добив во 2012 година“.

Колку е тешко да се биде фудбалски судија?

„За да не ги исплашам многу тие што би сакале да станат судии, ќе кажам дека не е многу тешко, но искрено не е ни многу лесно. Бара многу работа, труд, откажувања и пожртвуваност. Но сепак можам да кажам дека вреди да се жртвува“.

Што е за Вас судењето?

„Судењето е начин на живот. Кај судењето нема камуфлажа, или го сакаш и си зависен од него или не го сакаш и ќе се откажеш при првата пречка. Ако искрено го сакаш и вредно и напорно работиш можеш да постигнеш многу. За мене, судењето е мојот живот“.

Што е потешко да судиш на женски или машки екипи. Која е разликата?

„Искрено, за мене потешко е да судиш на жени отколку на мажи. Разликата е во темпото, тежина на прекршоците, нивото на фудбалското знаење, темпераментот…“

Како реагирате на невкусните дофрлувања на навивачите, особено кога судите на машки екипи?

„Генерално не смееме да реагираме на дофрлувањата на навивачите. Кога почнував да судам можеби некои невкусни повици кон мене ми пречеа, меѓутоа сега не допираат до мене. Навикната сум“.

Дали имате некоја евиденција колку мечеви досега сте суделе во Македонија, колку во странство?

„Во Македонија повеќе од 900 во сите лиги и сите судиски улоги, како главен околу 400 натпревари. На меѓународната сцена имам 220 натпревари од кои 90 како главен судија“.

Кое беше Вашето деби на меѓународната сцена?

„Тоа беше мечот Русија – Романија, фудбалерки до 17 години во Грција, во Солун, а мој прв сениорски натпревар беше меѓу Хрватска и Турција, квалификации за Европското првенство 2017 година“.

Судевте многу мечеви, кој најмногу Ви остана во сеќавање?

„Секој натпревар остава по некој белег во мојата судиска кариера. Не можам некој посебно да одделам. Можеби финалниот меч на Европското првенство во Шкотска, фудбалерки до 19 години меѓу Германија и Франција, потоа на Вембли стадионот меѓу Англија и Шведска во квалификациите за Европското првенство на кој присуствуваа 64.248 гледачи.Тоа беше нешто невидено за мене. И јасно, мојот прв меч на едно светско првенство, во Колумбија меѓу Северна Кореја и Аргентина, фудбалерки до 20 години“.

Во колку европски држави сте судела досега и на кои најпознати клубои?

„Подобро да кажам каде не сум судела досега откако сум меѓународен судија од 2012 година. Немав можност да судам ниту на клуб или репрезентација само во Гибралтар и Азербејџан. Долг е списокот на кои познати клубови сум судела, почнувајќи од Барселона, Реал Мадрид, Јувентус, Пари Сен Жермен, Лион, Арсенал, Челзи, Манчестер јунајтед, Баен Минхен, Воллсбург, Галатасарај… На повеќе репрезентативни селекции меѓу кои Франција, Англија, Шпанија, Шведска, Италија, Данска, Финска, Полска, Австрија, Русија, Турција, Хрватска, Србија… Надвор од Европа на Аргентина, Северна Кореја, САД и Парагвај“.

Со кои асистент судии најмногу судите од нашите, со кои од другите држави?

„Одлично соработувам со Вјолца Изеири и Елена Соклевска Илиевски, од странство со Сташа Спур од Словенија и Аинхоа Фернандез од Андора, меѓутоа добивам асистенти и од другите држави“.

Имате завршено Полициска академија. Дали работата Ви пречи во честите патувања?

„Завршив Полициска академија и магистер сум по форензиска физика, меѓутоа никогаш не се вработив во полиција, на струката. Работам во ИТ фирма па поради тоа честите патувања не ми пречат. Со мене е секогаш лап-топот“.

Бевте и на Светското првенство во Катар, во која функција?

„Во Катар бев како гледач. На последните светски и европски првенства патував за да уживам во атмосферата, да ги бодрам колегите и да ги доживеам големите натпреварувања од другата страна. Се надевам дека оваа моја традиција ќе продолжи и во иднина“.

М.Мицковиќ

Се вчитува...