Имаме и ние тениска грација. Од нашата Македонија, тргна на пат околу светот, за да се докаже во светскиот женски тенис, и навистина одлично и оди. Знаеме сите колку е тешко да се стигне до тениската орбита, но ако продолжи да чекори храбро како во 2016, Лина Ѓорческа дефинитивно ќе биде спортистка со која сите ќе се гордееме. Доволно е млада за да очекуваме допрва да ги ниже големите успеси, а веќе е и доволно искусна за да знае што и е потребно за да стигне и меѓу најдобрите на ВТА – листата.
Македонија веќе и оддава признание, таа е прогласена за најдобра спортистка во годината што измина, и сите ние ќе стискаме палци веќе на почетокот на јануари, да успее да ги мине квалификациите на Австралија Опен, и да ја претставува нашата земја на главниот турнир на гранслемот во Мелбурн.
ЕКИПА ја искористи можноста да разговара со 22-годишната тенисерка, за нејзините успеси во изминатите 365 дена, колку и значи наградата што ја доби од Сојузот на спортови на Македонија и Агенцијата за млади и спорт, и кои се нејзините желби и планови за во иднина.
„Може да се каже дека имав многу успешна година. Моите очекувања за 2016 година беа да бидам меѓу 230. и 250 место на ВТА – листата, а сега сум на 205. позиција. Навистина ми е драго за овој успех, затоа што е над моите очекувања и тоа ја покажува мојата посветеност и трудот што го вложувам за да успеам во тенисот. Се надевам дека во новата година ќе ја започнам уште подобро, на квалификациите во Мелбурн“ – вели Ѓорческа.
Лина на крајот од декември застана рамо до рамо со Кире Лазаров, како македонски спортски лауреати за 2016 година Тоа е големо признание, чест, но и огромен мотив за понатаму, вели Ѓорческа, да се добие ваква награда на 22 години…
„Секако, огромен е мотивот за една спортистка да биде избрана за најдобра за изминатата година. Посебно ми е драго што бев во друштво со нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров, кој досега многу пати има докажано како треба да изгледа еден врвен спортист. Како треба да се однесува на теренот и надвор од него. Морам да признам дека оваа награда ме направи горда, но и е обврска повеќе во следната година да бидам со уште подобар успех“ – истакнува нашата тенисерка.
Не е лесно да се успее во тенисот, а уште потешко е ако доаѓаш од Македонија. Екстремно е тешко да се успее во овој спорт. Финансиите се најголем проблем, и тука Лина има голем хендикеп, поради неизаинтересираноста на компаниите да се инвестира во овој спорт. Потребен е некој моќен спонзор да застане зад неа и да ја поддржи.
„За другите држави не знам, но во Македонија е многу тешко да се успее како тенисер. Првата пречка е тоа што тенисот е индивидуален спорт, а секако е еден од најскапите кога се инвестициите во прашање. Има премногу патувања, подготовки, а оставен си самиот на себе. Кај нас нема доволно заинтересирани за да инвестираат и да помогнат. Финансиите се најголем проблем и нема човек кој ќе ти подаде рака, со цел да успееш. Мора се сам да правиш, да се бориш, доколку сакаш да ги оствариш зацртаните цели“– раскажува Ѓорческа.
Сепак, нејзината младост и оптимизмот не ја напуштаат. Напротив, амбициите и се големи, и сака да направи голем чекор напред уште во првите денови од јануари. Следи Мелбурн и квалификациите за Австралија Опен.
„Очекувам да започне добро новата 2017 година. Конкуренцијата на квалификациите за Австралија Опен ќе биде жестока, се натпреваруваат одлични тенисерки, па ќе видиме што ќе се случи. Интензивно се подготвувам за тој настан и очекувам успешно учество“ – порачува нашата тенисерка.
Амбициите и се да напредува рапидно и во годината во која зачекоруваме, а нејзина најголема желба е Париз, и … Ролан Гарос!
„Во 2017 година очекувам да направам добри резултати на ’големите’ турнири. Мислам дека сум подготвена за нешто посериозно во мојата кариера. Ќе тренирам напорно и ќе останам фокусирана на мојот напредок во кариерата, само тоа ми е важно. Што се однесува до желбите, сон ми е да го освојам Ролан Гарос. Зошто да не, се надевам дека и тоа ќе се случи“ – вели Лина Ѓорческа.
Со верба во себе и со напорни тренинзи, сите желби можат да се остварат. Македонија и сега се гордее со Лина, а каква ли еуфорија би била доколку еден успее да застане на врвот на Париз, да го освои Ролан Гарос…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА