Михајло Михајловски со децении наназад е дел од македонската ракометна сцена, како прв човек на Вардар, потоа и на Ракометната Федерација на Македонија, а успешниот бизнисмен во последните неколку години е предводник на успешната приказна наречена СЕХА-лига. Претседателот на регионалното натпреварување во интервјуто за ЕКИПА со гордост говори за растот на СЕХА како успешна спортска приказна, но и за сработеното во минатото, со честитки за неговите наследници и во РК Вардар и во Ракометната Федерација на Македонија.
„Пред нас е шестиот фајналфор турнир од СЕХА-лигата и сигурно дека сме горди на оствареното. Идејата за едно вакво натпреварување се има јавено од порано, во овој регион отсекогаш се играл квалитетен ракомет, но на сите ни недостигаше силна лига за екипите да имаат врвни натпревари низ целата сезона. Се договоривме за создавање на лигата, успеавме со целата идеја да го привлечеме Гаспром како генерален спонзор. Бидејќи сите ние кои сме дел од оваа лигата имаме големо искуство во ракометот, знаевме како треба да се движи СЕХА и да напредува од година во година. Од почеток имаше многу скептици околу судбината на СЕХА, но ние бевме истрајни и сплотени околу една цел – како да дојдеме до едно високо ниво на организација. Имаме стриктни прописи и пропизиции, што секоја екипа во СЕХА треба да има, за да го заштитиме квалитетот на натпреварувањето. Секоја година се обидувавме да одиме понапред од претходната, мислам дека не е препотентно тоа и да го кажам – успеавме“ , изјавува за почеток Михајловски.
Ако се спореди листата на учесници со онаа од првите сезони, јасно е дека се променети голем дел од тимовите кои ја стартуваа СЕХА.
„За жал, голем дел од екипите од првите години во СЕХА моравме да ги елиминираме поради неквалитет и неисполнување на условите кои од година во година се повеќе ги заоструваме. Минатата година донесовме одлука веќе да не биде приоритетен пласманот на табелата, туку и наназад во последните пет години тимовите кои се дел од СЕХА да имаат одреден рејтинг. Струмица ни беше една опомена, исто така и Спартак, се соочувавме и со опасност во БиХ првак да стане Вогошча, екипа што ја нема никаде на ракометната карта. Ние таква екипа не можеме да прифатиме. Токму поради падот на квалитет се случи и БиХ од три претставници да падне само на еден, исто како и Србија да остане без ниту еден свој клуб во СЕХА оваа сезона“ – вели првиот човек на регионалното натпреварување.
Новото раководство на Српската Ракометна Федерација изрази желба за обновување на соработката и во најскоро време ќе дојде до средба на која ќе се дискутира за евентуалното враќање на екипи од оваа земја во СЕХА.
„Ние како раководство редовно водиме разговори не само со Србите, туку и со сите земји кои се заинтересирани, бидејќи ние ја прифаќаме секоја добронамерна сугестија што е во интерес на СЕХА-лигата. Јас се слушнав со новиот претседател на Српската Ракометна Федерација, Божидар Ѓурковиќ, тој требаше да дојде за време на контролите на женските селекции, но во последен момент го откажа тој состанок. Во најскоро време ќе се видиме, ќе обновиме разговори и ќе видиме што можеме да направиме со евентуално враќање на една, можеби две српски екипи. За жал, јас во моментов не гледам не гледам некој драстичен раст на квалитетот кај српските екипи, а не сум од оние кои инсистираат на пополнување на бројка како бројка. Во секој случај ќе поразговараме, но не би можел да кажам и да гарантирам што ќе произлезе од тој разговор“ – песимист е Михајловски на оваа тема.
Едно е сигурно, бројот на учесници во СЕХА-лигата нема да се промени, па и во следната сезона ќе учествуваат десет екипи.
„Ние имаме зацртано дека најоптимален број на екипи за СЕХА е десет, и имаме одлука на Управниот Одбор дека тој број моментно не би го менувале. Имаше идеја за 12 екипи, па поделба на две групи од по шест, некои заговараат за поголема концентрација на квалитетот и само осум екипи. Сепак, по разговорите што ги имавме и аргументите што ги сослушавме „за“ и „против“ сите овие предлози, дојдовме до заеднички заклучок дека во СЕХА играат 7-8 екипи во ЛШ, дел од нив се дел од ЕХФ-купот, што е доволен доказ за квалитетот акумулиран во нашата лига“ – дециден е претседателот на СЕХА.
Сепак, постои голем прашалник околу статусот на Веспрем, екипата со која договорот за соработка истекува на крајот од сезонава, а Унгарската Ракометна Федерација врши притисок за шампионот повторно да се фокусира само на домашното првенство.
„Јас лично и сите околу мене вложивме огромни напори за со атрактивноста на лигата да го привлечеме Веспрем да стане дел од СЕХА. Тоа ни беше полн погодок, во последните сезони Веспрем е најквалитетната екипа во СЕХА-лигата. Ако се сеќавате, и минатата година имаше слична ситуација Унгарската Федерација не се согласуваше, но најдовме решение и Веспрем остана да игра во нашето натпреварување. Реалноста е таква да договорот што го имаме со унгарскиот првак истекува на крајот од сезонава, но јас не се откажувам од намерата Веспрем да продолжи во СЕХА, впрочем веќе договоривме наскоро да седнеме со челниците на унгарскиот гигант и да дискутираме за продолжување на соработката“ – истакнува Михајловски.
Секој година се поголем е интересот и за екипи од други земји ширум Европа да станат дел од СЕХА-лигата, но Михајловски ги демантираше гласините дека Барселона би можела да стане дел од ова натпреварување.
„Многу екипи се јавуваат со желба да играат. Бешикташ делуваше сериозно пред две години, но од тоа не испадна ништо. Се јави и Мотор Запорожје, како и Чеховски медведи, тоа се екипи кои по квалитет и би заслужиле место во СЕХА, но од различни причини ние не можеме секој што ќе изрази желба да го примиме. Најново е што ни се јави првакот на Чешка, кој сака да се натпреварува. Се појави и името на Барселона, но слободно можам да кажам дека тоа се шпекулации, израснати од фактот дека и Барса нема доволно квалитетни мечеви во домашното првенство, но вистината е дека ние никогаш не сме разговарале со раководството на каталонскиот гигант на оваа тема“ – искрен е првиот човек на СЕХА-лигата.
Следен организациски предизвик за СЕХА е фајналфор турнирот што ќе се одржи во Брест, Белорусија, од 7 до 9 април.
„За првпат фајналфор турнирот ќе се одржи во Брест, не се сомневам дека ќе продолжиме со организација на највисоко ниво. Нашиот лански фајналфор беше прогласен за најдобар ракометен настан во 2016 година во регионот, нема причина во Белорусија организацијата да не биде идентична, нашите луѓе од канцеларијата на СЕХА подолго време се подготвуваат за овој настан, за да го донесеме до перфекција како што тоа беше случај и со последните неколку завршни турнири од нашето регионално натпреварување“ – оптимист е Михајловски.
Тој не ја крие радоста од добрите игри на Вардар, клубот на чие чело беше долги години пред да го отстапи раководењето на Сергеј Самсоненко.
„Да водиш клуб со амбиции каков што бил Вардар, тоа е исто како да раководиш не со мало, туку со средно претпријатие. Обврската не ти е само да обезбедиш финансиски средства, до кои во последните години се потешко и потешко се доаѓа, туку и да ги усогласиш односи меѓу играчи, играчи и тренер, тренер и управа… Треба да се живее како едно семејство и да се обидеш сите да функционираат во една иста насока. Јас заради состојбата во бизнис-сферата од која сум дел и се потешкото обезбедување на финансии, сакав уште порано да најдам некој што ќе ме замени во Вардар. Лесно беше да ја оставам екипата во немилост, не можев тоа да го сторам, затоа „голтав кнедли“ и чекав да се појави некој што достојно ќе ме замени, бидејќи моја желба беше клубот да го задржи истото ниво, зошто да не и да го подобри, под водство на новиот газда. Имав среќа што го сретнав Сергеј Самсоненко, кој го превзеде клубот, многу ми е драго што овој клуб секоја година оди во нагорна линија со се подобри резултати“ – задоволен е Михајло Михајловски од развојот на „црвено-црните“.
Тој има убави спомени и од работата како прв човек на Ракометната Федерација на Македонија.
„Да водиш Ракометна Федерација исто така е голем предизвик. Јас бев и директор на машата ракометна репрезентација кога првпат бевме на ЕП во Мерано во 1998, потоа и на СП во Египет во 1999 година. Горд сум што под наше водство во федерацијата станавме редовни учесници на светски и на европски првенства, говорам и за машката и за женската селекција. Господинот Мукаетов кој ме наследи ја продолжи таа успешна ракометна приказна и јас искрено се радувам како дел од тоа ракометно семејство на сите успеси на македонските ракометни селекции. Да водиш федерација е поинаку отколку клуб, има поголема доза на политика, врбување или придобивање на што поголем број на спонзори, организација на сите тие подготовки, патувања, натпреварувања… не станува збор за една екипа, туку по неколку селекции и во машка и во женска конкуренција. Јас сум човек кој секогаш сака, како во бизнисот, така и во спортот, она што го работи да има одреден краен резултат, за на крајот да следи сатисфакција од сработеното“ – истакнува претседателот на СЕХА.
Михајловски не го крие задоволството од функционирањето на СЕХА, како „круна“ на неговите ракометни активности.
„На крај, да кажеме „круна“ на моите ракометни активности, обврски и задоволства е СЕХА-лигата, на која веќе четири години сум претседател. Мило ми е што јавноста го препознава квалитетот на нашиот проект, кој ни дава обврска да продолжиме да работиме во ист ритам. За мене лично има само уште еден чекор – да ја искачиме СЕХА да биде на исто ниво или уште подобра од Бундес-лигата. Организациски сме далеку пред сите останати лиги, квалитативно гледано лани меѓу осумте најдобри екипи во ЛШ имавме три екипи од СЕХА (Веспрем, Вардар и Загреб). Тоа е голем успех за нас и нешто што ни е мотив за уште повеќе да напредуваме“ – вели за крај Михајло Михајловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА