ИНТЕРВЈУ со европскиот шампион Емил Павлов: Ова е моја година, после Балканот, ја освоив и Европа!

По дваесетгодишна пауза, Емил  Павлов и носи на Македонија, европско злато во олимписки спорт. Од следните ЛОИ 2020 во Токио каратето ќе биде олимписки спорт, а нашата земја ќе има голем адут за највисоки дострели. Павлов повторно, по две годни го освои континенталниот карате врв во категоријата до 60 килограми, триумфирајќи доминантно во финалната пресметка за титулата на Европското првенство што се одржуваше во Нови Сад.

„Верував во себе и чувствував обврска повеќе затоа што сум свесен дека и другите веруваат во мене, особено што сум и олимписки степендист на МОК. Ова е моја година. Станав државен, а потоа и балкански првак. Имавме одлични подотовки за што сум и благодарен на Карате федерацијата на Македонија. На ова Европско првенство најтешка ми беше првата борба, потоа доминирав. Финалето беше одлично. Овој противник сум го победувал и претходно, па знаев кои се моите предности и со одлична тактика го добив во дуелот за титулата“ – вели Павлов за ЕКИПА.

Успехот на Павлов е од исклучително значење и за олимписките амбиции на Македонија. Тој одржува врвни резултати во овој спорт кој пред нешто помалку од две години ја доби можноста да влезе во олимпиското семејство.

„Ова е само една скала во обидот да се избориме за олимписка норма во Токио. Знам дека ќе биде тешко и дека се можни кризни резултати, но и знам дека ќе работам уште попосветено“ – најавува двојниот европски шампион.

За Емил Павлов ова е втора европска титула, првата ја освои во 2014 година. Вкупно, за него ова е трет континентален трофеј откако во 2016 освои и бронза.

 

Се вчитува...