Томе Главчев веќе повеќе од една година е на чело на македонската кошаркарска федерација, период во кој успешниот бизнисмен се соочи со најразлични прецизвици, како од финансиски, така и на организациски план.
Во интервјуто за ЕКИПА, Главчев говори за сработеното во досегашниот период, направените реформи, очекувањата за иднината, но и главната желба на претседателот на федерацијата, да се воспостави систем што ќе дава резултати на подолг рок.
- Година и половина по доаѓањето на чело на федерацијата, што сметате за ваш најголем успех во раководењето?
Не би издвоил само еден резултат како најголем успех. За мене најважно е што за релативно краток период успеавме да воспоставиме поинаков начин на функционирање на Федерацијата – со повеќе ред, финансиска дисциплина, јасни правила и долгорочна визија.
Кога дојдовме, затекнавме многу наталожени проблеми. Не сакавме само да ги констатираме, туку почнавме да ги решаваме.
Во изминатиот период направивме неколку важни системски чекори:
– воведовме нов систем на лиценцирање и поставивме минимални финансиски, организациски и инфраструктурни стандарди за клубовите;
– покрај Супер лигата ја формиравме и Македонската Прва лига, со што поставивме појасна структура и хиерархија во сениорскиот систем на натпреварување;
– ја вративме машката U20 категорија во системот на натпреварување, затоа што сметаме дека токму периодот од 18 до 20 години е еден од најкритичните во развојот на еден млад кошаркар и не смееме да дозволиме тие играчи предвреме да се изгубат за македонската кошарка;
– го намаливме бројот на странски играчи, со јасна намера да создадеме повеќе простор и одговорност за домашните кошаркари;
– сериозно го зајакнавме значењето на младинските категории и обврските на клубовите кон нив;
– воведовме поголема финансиска дисциплина и еднакви правила кои треба да важат за сите клубови.
Истовремено, работевме на репрезентациите, на враќање на довербата кај спонзорите и институциите, на организација на големи меѓународни натпреварувања и на подобрување на условите во кои функционира македонската кошарка.
Но, ако морам нешто да издвојам, тогаш тоа е чувството дека Федерацијата повторно почнува да има систем.
Резултатите можат да варираат од година во година, но ако изградиме систем кој ќе остане и по нас, тогаш сме направиле нешто навистина вредно.

- Познато е дека финансиите беа главен проблем во МКФ, колку беше финансиската дупка, колку од тоа е покриено и кога очекувате да дојде на „салдо нула“?
Финансиската состојба што ја наследивме беше значително посложена отколку што можеше да се види однадвор. Не стануваше збор само за една бројка, туку за акумулирани обврски, стари долгови, даночни обврски и договори кои дополнително го оптоваруваа работењето.
Наша определба од првиот ден беше да не бегаме од тие обврски. Федерацијата мора да биде институција која го почитува сопствениот потпис и ги сервисира своите обврски, без разлика кој ги создал.
Во изминатиот период значителен дел од наследениот товар е расчистен, а паралелно успеавме редовно да ги финансираме тековните активности, репрезентациите и натпреварувањата. Тоа воопшто не беше лесно.
За мене е многу поважно што денес имаме јасна слика за финансиската состојба и воспоставен принцип дека не можеме да трошиме нешто што реално го немаме.
Нашата цел е Федерацијата да стигне до целосно финансиски стабилна позиција. За мене „салдо нула“ не е само сметководствен термин. Тоа значи да не оставиме проблеми на тие што ќе дојдат по нас.
Ако стариот систем беше добар, зошто клубовите немаа подобри резултати
- Една од клучните одлуки по самото доаѓање беше кратење на лигата, надополнето со намалување на лимитот на странци. Што може да се очекува краткорочно, а што долгорочно од ваквиот рез?
Свесни сме дека оваа одлука нема на сите да им се допадне. Но Федерацијата не смее да носи одлуки само за да биде популарна денес. Наша обврска е да гледаме каде сакаме да биде македонската кошарка за пет години.
Намалувањето на бројот на странци не значи дека сме против странските кошаркари. Напротив, квалитетен странец секогаш носи дополнителна вредност. Прашањето е дали има смисла клубовите да носат просечни странци кои земаат минутажа што би можела да ја добие млад македонски играч.
Краткорочно можеби ќе има период на адаптација. Долгорочно очекувам повеќе простор и поголема одговорност за домашните играчи, а со тоа и поширока база за националните селекции.
И постојано го поставувам истото прашање: ако поголемиот број странци автоматски носеше повисок квалитет, зошто нашите клубови во изминатите години не направија поголем исчекор во регионалните и европските натпреварувања?
Очигледно е дека проблемот е многу подлабок од бројот на странци. Нам ни требаат подобра организација, подобри младински школи, подобри услови за работа и долгорочна стратегија.
- Како човек кој со децении е дел од кошаркарската приказна во Македонија, како го оценувате нивото на мак-кошарката во моментов? Што е клучно за да се тргне напред?

Имаме талент. Тоа никогаш не било спорно. Но талентот без систем многу лесно се губи.
Нашиот најголем проблем е што предолго сме живееле од сезона до сезона. Клубот обезбедува буџет, носи играчи, завршува сезоната и следното лето повторно почнува од нула.
Мора да почнеме да размислуваме поинаку: младински школи, стручна работа со тренерите, инфраструктура, финансиска дисциплина и долгорочни програми.
Не може успехот на еден клуб да се мери само со тоа дали освоил трофеј оваа сезона. Треба да прашаме: колку играчи создаде, колку тренери разви, што изгради и што остана зад него?
Кога ќе почнеме така да размислуваме, ќе почне да се менува и македонската кошарка.
- На младите останува иднината, но нашите младински селекции не се прославија летово. Што беше причината, што е потребно за повторно да имаме репрезентации во А-дивизијата?
Не сакам да барам оправдување. Резултатите се такви какви што се и мораме чесно да ги анализираме.
Но младинската репрезентација е последната алка во синџирот. Играчот доаѓа во репрезентацијата откако претходно со години работел во клуб. Ако немаме доволен број квалитетни натпревари, добри тренери, физичка подготовка и сериозна индивидуална работа во клубовите, невозможно е Федерацијата за еден месец репрезентативни подготовки да го надомести она што недостасувало со години.
Токму затоа ја вративме U20 категоријата во системот на натпреварување и затоа инсистираме клубовите да имаат младински категории.
Особено периодот меѓу 18 и 20 години е критичен. Тоа е возраста кога многу талентирани деца, ако веднаш не добијат место во сениорски состав, практично исчезнуваат од системот. Наша задача е да создадеме мост меѓу младинската и сениорската кошарка.
Мора да создадеме поширока база и многу порано да ги препознаваме талентираните деца. Потоа тие деца мора системски да ги следиме и развиваме.
Нашата цел не е една генерација случајно да влезе во А-дивизија. Сакам да изградиме систем во кој присуството таму нема да биде изненадување, туку нормална последица на континуирана работа.
Проблемот со женската кошарка не може да се реши за една година
- Женската кошарка долги години не била послаба, со повлекувањето на Антиќ и на Митрашиновиќ ги загубивме кошаркарките кои ја носеа лидерската улога. Која е стратегијата на МКФ за женската кошарка?

Тука мораме да бидеме особено реални. Женската кошарка е еден од сегментите каде што ни е потребна најголема работа.
Не можеме да очекуваме две или три кошаркарки со години да го носат целиот товар на националната селекција. Кога ќе заврши нивниот репрезентативен циклус, проблемот што бил прикриван веднаш излегува на површина.
Затоа мора да ја прошириме базата. Потребни ни се повеќе девојчиња во кошарката, повеќе стабилни клубови, посилна домашна лига и подобра работа во младинските категории.
Федерацијата ќе продолжи да вложува во женските младински селекции, но очекуваме и клубовите да преземат многу поголема одговорност.
Ова нема да се реши за една сезона. Но ако сега не почнеме сериозно, за пет години повторно ќе разговараме за истиот проблем.
- Машкиот национален тим е на добар пат пак да стигне до главните квалификации за Евробаскет. Колку сте задоволен од овој состав и како ги оценувате нашите шанси конечно да стигнеме до еден европски шампионат по повеќе од деценија пауза?
Особено сум задоволен што повторно се создава позитивна атмосфера околу репрезентацијата. Имаме група која покажа карактер, желба и чувство за националниот дрес.
Но не сакам да создаваме еуфорија предвреме.
Нашата прва задача е чекор по чекор да ја поминеме фазата во која се наоѓаме. Потоа ќе размислуваме за следната.
Верувам во овој состав, верувам во стручниот штаб и мислам дека имаме потенцијал да направиме значаен резултат. Истовремено, за да стигнеме на Европско првенство ќе треба да имаме максимална мобилизација и, пред сè, најдобрите македонски кошаркари да бидат на располагање кога националниот тим ги повикува.
Дресот на Македонија мора повторно да стане најголема чест за секој наш кошаркар.
- Македонија да има тим во АБА1 е ваша голема желба како претседател на федерацијата. Колку е тоа реално остварливо и што треба да се случи за да имаме пак тим во елитата?
Тоа не е само моја желба. Мислам дека тоа треба да биде цел на целата македонска клупска кошарка.
Македонија мора да тежнее повторно да има клуб на највисокото регионално ниво. Но таму не се оди со желба или со историја. Таму се оди со квалитет, организација, стабилен буџет, инфраструктура и резултати.
АБА1 би била исклучително значајна и за развојот на домашните играчи. Едно е млад македонски кошаркар да игра само домашно првенство, а сосема друго секоја недела да се соочува со клубови и играчи од високо регионално ниво.
Федерацијата може да создава услови и да помага, но клубовите мора самите да го направат спортскиот и организацискиот исчекор.
Јас би бил пресреќен ако во периодот пред нас повторно гледаме македонски клуб во АБА1. Тоа би било добро не само за тој клуб, туку и за целокупната македонска кошарка.
- Еден сте од ретките во оваа средина што водевте клуб на вистински начин, изградивте сала, модерна инфраструктура со целосни услови за еден сериозен колектив. Дали е тоа проблемот на денешницата… што се помалку се таквите примери, а се повеќе оние клубови кои трошат годишни буџети (општински и државни пари) од сезона во секоја, не оставајќи речиси никаква трага зад себе?
Ова е тема за која имам многу јасен став.
Не е проблем клубот да троши пари. Спортот чини. Проблем е ако секоја година потрошите значителни средства, а по десет години зад вас нема ништо – нема сала, нема тренинг-центар, нема младинска школа, нема создадени играчи, нема инфраструктура.
Кога водев клуб, мојата логика беше едноставна: еден ден јас ќе си заминам, играчите ќе си заминат, тренерите ќе се сменат – што ќе остане?
Затоа инвестиравме во инфраструктура.
Посебно кога се користат општински или државни средства, мислам дека мора да постои уште поголема одговорност. Не велам дека клубовите не треба да добиваат јавни средства. Напротив, спортот заслужува поддршка. Но дел од тие средства мора да создаваат трајна вредност.
Не можеме секоја година сè да потрошиме на плати и трансфери, а следната сезона повторно да почнуваме од почеток.
Трофејот останува во витрина. Инфраструктурата и младинската школа остануваат за генерации.

- Каде ја гледате македонската кошарка за еден циклус од 4-5 години… на младински, клупски, репрезентативен план?
Имам многу јасна слика каде би сакал да бидеме.
Во младинската кошарка – значително поголема база, подобра работа во клубовите и најмалку дел од нашите селекции стабилно да се натпреваруваат на највисоко европско ниво.
Но за тоа не е доволна само добра волја. Потребна ни е и инфраструктура.
Токму затоа за мене од огромно значење е реконструкцијата и повторното ставање во целосна функција на салата „Кале“.
Ме радува што и министерот за спорт Борко Ристовски во последниот период јавно става силен акцент на обновувањето на спортската инфраструктура како предуслов за развој и резултати. Тоа е пристап што целосно го поддржувам.
Нашата желба како Федерација е „Кале“ повторно да стане вистински дом на македонската кошарка. Не само сала во која ќе се играат натпревари, туку центар во кој системски ќе работиме со младите категории, репрезентативните селекции, тренерите и најталентираните деца од целата држава.
Замислете што би значело за македонската кошарка да имаме свој функционален центар во кој младите репрезентации ќе можат континуирано да тренираат и каде што ќе можеме да организираме кампови, селективни тренинзи и стручна работа во текот на целата година.
Тоа веќе е систем, а не импровизација.
Во клупската кошарка сакам финансиски поздрави клубови, помалку импровизација, повеќе инвестиции во инфраструктура и младински школи и македонски клуб кој ќе биде конкурентен на високо регионално ниво.
Кај сениорската репрезентација – повторно да бидеме дел од големо натпреварување.
Но би додал уште нешто. За четири-пет години сакам да можеме да кажеме дека македонската кошарка повеќе не зависи од еден човек, еден спонзор или една добра генерација.
Сакам да зависи од системот.
И ако зад нас останат стабилна Федерација, посилни клубови, поголема база на млади кошаркари и обновено „Кале“ како вистински кошаркарски дом, тогаш ќе можеме да кажеме дека сме оставиле нешто трајно за генерациите што доаѓаат.
Да создадеме навика младите и семејствата да доаѓаат на кошарка
- Стартуваше сезоната со Супер-купот и со одигрувањето на првото коло… Која е вашата желба за наредните 9-10 месеци на домашната сцена?
Пред сè, сакам мирна, регуларна и квалитетна сезона во која за резултатите ќе се зборува на теренот.
Сакам полни сали. Сакам повторно да создадеме навика семејствата и младите да доаѓаат на кошарка. Сакам ривалството меѓу клубовите да биде силно, но спортско.
Очекувам намалувањето на бројот на странци да отвори простор за нови македонски играчи. Ако на крајот на сезоната добиеме пет, шест или десет млади кошаркари кои направиле сериозен исчекор, тоа за мене ќе биде огромен успех.
Сакам и клубовите да разберат дека Федерацијата не е нивен противник. Можеме да имаме различни ставови и понекогаш тешки дискусии, но сите треба да имаме иста цел.
Силни клубови, силна лига и силна македонска репрезентација.
И на крајот, мојата најголема желба е по завршувањето на сезоната да зборуваме за кошарка – за добри натпревари, полни трибини, нови млади играчи, квалитетни финалиња и за напредок на македонската кошарка.
Ако го постигнеме тоа, ќе можеме да кажеме дека сезоната била успешна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
