ИНТЕРВЈУ – ЖИВКО МУКАЕТОВ: За 12-те години на чело на РФМ, проектот РК Алкалоид, државната помош во спортот…

Живко Мукаетов го одработува последниот ден како претседател на Ракометната Федерација на Македонија, откако истакнатиот македонски бизнисмен уште пред неколку месеци најави дека по истекот на третиот мандат ќе ја напушти функцијата што со огромен успех ја извршуваше во изминатите 12 години. Мукаетов на утрешното Изборно Собрание ќе му остави на својот наследник стабилна спортска институција, која не само што е поставена на здрави темели, туку и ги има сите предуслови за дополнително да го развива спортот број 1 во нашата држава. 

Во интервјуто за ЕКИПА, Живко Мукаетов говори на најразлични ракометни теми, најголемите радости и разочарувања, а испраќа и порака до човекот кој ќе го наследи на оваа одговорна функција.

 

Кога ќе погледнете сега наназад, кој ви е првиот спомен од доаѓањето на чело на РФМ?

Неизвесни квалификации за ЕП 2014 во Данска за машките сениори, ургентна потрага по нов селектор, кошкања и несогласувања не само во машкиот сениорски тим туку буквално во сите селекции, герила оператива и огромни суети. Неопходно беше воведување на ред во хаосот и дисциплина во нередот на функционирање со крајна цел: поставување на систем на вредности кој ќе функционира за доброто на македонскиот ракомет и ќе носи резултати на долг рок како од оперативен така и од резултатски аспект.

Kако се случи токму ракометот да биде спортот во кој сериозно ќе влезете како прв човек на национална федерација, имаше ли претходно понуди за други спортови?

Ангажманот во ракометот била единствената понуда која сум ја добил како carte blanche, која ја прифатив после долго размислување и на која се нафатив без никаков финансиски надомест, свесен за ризикот и можните негативни последици кои овој ангажман би можел да ги има врз мојата целокупна кариера.

Каква беше состојбата внатре во Федерацијата, од финансиски и организациски аспект, во моментот на Вашето доаѓање?

Кога оваа гарнитура дојде на раководната позиција во РФМ, освен финансиски долг наследивме и кредит. Со цела почит кон претходните раководни гарнитури на Федерацијата, ова раководство пристапи кон темелна систематизација на сите сфери на делување: дигитализација, креирање на квалитетна база на оперативни податоци, електронски записници и целосна транспарентност во севкупното работење. Вложивме исклучителни напори оперативата да ја кренеме на едно нормално ниво на функционирање во првите месеци од мандатот.

Со Живко Мукаетов како претседател, Македонија е буквално секоја година на големо натпреварување во машка конкуренција. Какво е чувството секој јануари? Дали еуфоријата останува иста како и првите години?

Од вкупно 14 учества на Македонија на големи натпреварувања, во текот на изминативе 12 години мандат поминавме 6 европски и 6 светски првенства. Ако го прашате семејството, не е многу еуфорично 12 зимски распусти да се посветат исклучиво и целосно на ракомет, но јас сум голем љубител на спортот и се радувам на секое учество на Македонија на големи натпреварувања. За мене најнеизвесно првенство на ракометните сениори беше ЕП 2014 во Данска, најеуфорично беше на СП 2015 во Катар. Сè уште ја памтам горчината на поразот од репрезентацијата на Словенија во осминафиналето. Од друга страна, освоеното 9-то место на тој Мундијал по сите параметри беше најдобриот пласман на светските првенства на машките сениори во историјата на македонскиот ракомет воопшто. Ковид кризата подоцна налагаше навистина специфични услови и огромна неизвесност со првенствата во 2021 и 2022 со големото прашање „што ако некој се разболи“. Имаше доста убави, лоши, тензични и еуфорични моменти во овие 12 првенства, но генерално,  страста, пасијата и фокусот кај мене останаа исти како и на самиот почеток.

Направивте моќна стратегија, ги покривте трошоците за официјалните лица… сакавте преку квантитет да дојдете до квалитет. Од сегашен аспект, успеавте ли во тоа што го сакавте кога дојдовте на чело на РФМ?

Гледајќи ја големата слика, сметам дека има значаен квалитативен напредок во многу сфери. Во март 2013 година ветив дека македонскиот ракомет ќе функционира на поинаков начин од дотогашниот. Приоритети беa модернизација на работењето на Федерацијата, интензивирање на активностите кај младите категории, подобрување на условите за работа и комплетна поддршка на сите национални селекции, едукација на судии и тренери и ред други придобивки. Сите овие години не само што успеавме да го реализираме зацртаното, патем се справивме и со бројни предизвици на кои им посветувавме должно внимание, за да македонскиот ракомет функционира на завидно ниво.

Збор-два за младите репрезентации, кои од непостоечки сега се надигруваат со ривали од самиот врв…

Работењето со младите селекции, кое претходно не беше воопшто присутно во програмата за работа на Федерацијата, стана врвен приоритет на оваа раководна гарнитура уште од март 2013 година. Ги пријавувавме младите на сите квалификациски турнири, сите младински репрезентации во женска и машка конкуренција со цел да бидат присутни на меѓународната сцена и да стекнат играчко искуство. Ги пријавивме и за активно учество на меѓународните пријателски/контролни ракометни турнири во младинските категории. Донесовме одлука секој суперлигаш да има младинска претходница, со што младите играчи ќе имаат шанси за што почести настапи и соочување со своите врсници. Во 2017 година РФМ спроведе одлука за ослободување на клубовите во сите младински категории од Првата машка лига (и клубовите од Женската сениорска лига) од трошоци за судиски и делегатски такси, вклучително патни трошоци за официјалните лица. Тие трошоци ги презеде РФМ. Спроведената мерка со тек на време вроди со резултат, при што бројот на клубови и ракометари во младинските категории импозантно се зголеми. Со тек на време, резултатите од овие мерки станаа видливи. Во 2017 година македонските младинци беа 6-ти на Светското првенство во Алжир, во 2023 македонските кадети беа 9-ти на мундијалот во Хрватска, а во 2024 младинците завршија 9-ти на Европското првенство во Словенија со победа над репрезентацијата на Франција.

Женската репрезентација се врати на големата сцена. Колкав беше предизвикот по големиот пад на женскиот ракомет и што мислите дека беше пресудно за работите да тргнат на подобро?

На полето на женскиот ракомет не сум задоволен од сработеното и постигнатото во изминативе мандати. Можеби можевме повеќе, но знаете што обично се случува со задоцнетите камати.  Факт е дека пред повеќе од дваесет години Кометал беше национална гордост за сите нас. До неодамна ги следевме и успесите на ЖРК Вардар во Лигата на шампиони. Сепак, мора да бидеме свесни дека двата проекти имаа многу мало влијание од репрезентативен аспект. Во 2024 женската ракометна репрезентација успеа да се пласира на ЕП преку квалификации по цели 12 години, што е второ последователно учество на женската национална селекција на најсилното континентално натпреварување, откако во 2022 година Скопје беше домаќин на Европското сениорско првенство во ракомет за жени. Има моменти кои се ветувачки, има потенцијал за поголеми дострели, но ќе треба уште многу да се работи на полето на подигнување на женскиот ракомет.

Каде гледате простор за напредок во однос на државните инструменти и зголемување на можностите за развој на ракометот и македонскиот спорт воопшто?

Спортот како институција и феномен кој обединува, има огромна улога во секое модерно општество. Лично го поздравувам формирањето на новото Министерство за спорт од страна на Владата. Секако, за поздравување е и изградбата на нови спортски капацитети низ Македонија. Но она на што треба да се стави акцент е суштината пред формата. За врвен спорт, секако, потребни се финансии, но неопходни се и експертиза и менаџерски способности. „Да“ за спортски сали, но колку тие се одржани, затоплени, правилно и ефикасно искористени? „Да“ за помагање на спортовите, но со претходно конкретно утврдени критериуми. Развојот на спортот треба да почне од базичните нивоа – часовите по физичко образование, каде што, всушност, се идентификуваат и развиваат талентите. Во таа насока, мислам дека врската образование–спорт треба да функционира содржински поинтензивно. Имаме воншколски активности на секој чекор, но дали тие се соодветно димензионирани за децата? Долги години наназад ние како држава немаме дефинирана стратегија за развој на спортот, а без стратегија не може да зборуваме за врвен спорт воопшто.

Кога ќе се вратите десетина години наназад, која ви беше најголема ракометна радост, а што беше најголемо разочарување (неисполнета желба)?

Сум спомнал неколку пати, ќе кажам и сега: разочарување ми се квалификациите за ОИ во Рио што ги игравме во Гдањск во 2016 година. Европскиот шампионат во Хрватска во 2018 година, каде што по одличните настапи во првиот круг, немавме среќа да се вмешаме во борба за историски пласман. За најголема радост стои пласманот на СП 2017 преку натпреварот со Чешка, кога во гости изгубивме со 8 разлика, а дома во пеколна атмосфера во Арената „Борис Трајковски“ победивме со 9 гола предност.

Последното Светско првенство донесе добри резултати, одлична игра и најава за светла ракометна иднина. Како го видовте овој шампионат, од што сте најзадоволен и каде гледате најголем простор за напредок во машката репрезентација?

На овој Мундијал конечно се случи долгоочекуваната смена на генерација. Настапивме со комплетно нов состав, во кој сите играчи беа од македонската лига. Момците одиграа шест меча (од кои последниот со Франција), на кои добро се носевме. Простор за подобрување секако има, што во превод би значело дека треба време за да се собере и стекне потребното играчко искуство, притоа водејќи сметка за техничката подготвеност и нивото на спремност на ракометарите. Како трета најмлада селекција на Првенството (со просек 25,5 години), Македонија се пласираше на 15. место во конкуренција од 32 репрезентации. Момците го дадоа својот максимум преку борбеност и храбра игра, што нацијата го препозна и поздрави. Имавме визија за тоа како треба да се скрои идеален состав, издржавме во мисијата поднесувајќи ги сите удари, но добивме селекција со голем потенцијал. Иако иднината личи светла, мора уште многу континуирано да се работи!

Во 2021 година го почнавте проектот РК Алкалоид. Клубот го освои првиот трофеј, игра во Европа, бележи добри резултати… Колку е тешко да му се одолее на полесниот пат (купи странци и оди по трофеј) и да се покаже трпение да се изгради тим базиран на македонски играчи?

Години наназад како Федерација се обидувавме на разни начини, директно или индиректно, да се наметнеме кај македонските клубови за форсирање на македонски играчи. Но, бидејќи станува збор за приватни ентитети кои сами си ја креираат својата политика и откако не наидовме на сесрдно разбирање, се оствари проектот за Ракометен клуб „Алкалоид“ чија цел е правилно насочување и моделирање на млади ракометни таленти според строго дефиниран систем на функционирање, посветена работа и вистински спортски и животни вредности. Голем придонес во проектот имаше ангажманот на стручниот штаб предводен од тренерот Кирил Лазаров, кој несебично се нафати токму тука да го вложи целото свое знаење и искуство стекнато во текот на неговата професионална кариера градена макотрпно надвор од Македонија. Посветеноста е максимална и очигледна во секој поглед, а неговото лидерство преку личен пример е она што влева надеж за градење на препознатлив систем за модерен ракомет. Целта на клубот е да се наметне систем на вредности од кои корист единствено ќе има националниот тим и сите тие деца кои се или ќе бидат дел од клубот. Единаесет играчи на РК „Алкалоид“ беа дел од сениорскиот репрезентативен состав на СП во Хрватска. Она што го работи РК „Алкалоид“ е со најчесни намери од аспект на создавање на една додадена вредност за македонскиот ракомет, пред се.  А мешетарските кујни веќе почнуваат да ја роварат одлуката на РФМ за ограничен број на 8 (осум) странски играчи во македонските клубови во домашната лига, што, доколку се случи, сметам дека ќе биде поразително за националниот тим. Да, може и РК „Алкалоид“ да си дозволи да изнакупи странски играчи, но каков бенефит би имал од тоа македонскиот ракомет?

Имате ли порака до човекот кој ќе Ве наследи на чело на РФМ, совет за него?

Пред мене имало четворица претседатели на Федерацијата, ќе има и после мене. Мандатите имаат почеток и крај, но ракометот е македонска гордост, а тука се исклучуваат секакви импровизации, освен најдоброто. Посакувам кормилото на Федерацијата да го преземе личност која ќе има желба, визија и стратегија и понатаму квалитетно да го развива македонскиот ракомет. Оставаме функционален систем, без никакви долгови, за чие создавање долги години макотрпно работевме. Систем кој треба да се одржи и надгради за да постои уште многу долго, презентирајќи што подобри резултати. Црвено-жолтиот дрес е чест и привилегија, но носи и огромна одговорност.

Се вчитува...