Натпреварите од 6. коло во Третата лига Запад денеска ги одбележа тешкиот инцидент кој се случи на дуелот во село Камењане, меѓу домашниот Кајмани и кичевски Напредок.
Средбата беше прекината во 78. минута откако гостинските фудбалери како и главниот судија Слаѓан Маркоски од Гостивар беа физички нападнати од страна на домаќините…
„Денеска на натпреварот во Камењане при наше водство од 2-3, во 78. минута мечот беше прекинат откако домаќините физички нападнаа неколку наши фудбалери како и судијата. Притоа неколку фудбалери на Напредок беа бркани и тепани по теренот, спасувајќи жива глава. А притоа никој не презеде ништо. Сето ова покажува како е да се игра на гостински терен во македонската Трета лига“ – не информираат од ФК Напредок.
Поранешниот кичевски прволигаш е во сериозна финансиска криза последните години, низ кои само поради ентузијазмот на фудбалерите се натпреварува во третолигашката конкуренција. Но, и поради незаинтересираноста од градот, но и поради ваквите инциденти, како што велат, веќе сериозно размислуваат и околу натамошното натпреварување во лигата.
Инаку, делегатот на мечот, Буран Муслии од Тетово во официјалниот записник го внесе инцидентот и прекинот на натпреварот во 78. минута со најава за дополнителни изјави од актерите и службените лица, по што се очекува и дисциплинска постапка за домаќинот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА