Инвеститорите „исчезнаа“ од Кавадарци, Тиквеш повторно под капата на Општината и градоначалникот Јанчев

Кога Осман Таш, германски инвеститор со турско потекло дојде во Тиквеш, многумина очекуваа дека овој тим ќе биде еден од конкурентите за висок пласман. Таш на прес-конференција на почетокот на јули ги истакна своите амбиции со новиот клуб.

После само неполни четири месеци, од најавите нема ништо. ЕКИПА од неколку страни блиску до клубот дозна дека инвеститорот повеќе нема ништо со клубот, а дека градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев повторно ја презел екипата.

Новите инвеститори не ги исполниле барањата, односно играчите и другите вработени во екипата не зеле плата со месеци, а тоа беше доволен аларм Јанчев одново да го презеде раководењето со клубот, но сега со далеку помали плати од ветените од претходното раководство. Градоначалникот пред неколку дена имал средба со играчите и со сегашниот стручен штаб, и им го соопштил планот за функционирање на клубот во следниот период. Можно е и неколку фудбалери да го напуштат Тиквеш во скоро време.

Исто така директорот на клубот, Емир Шабани пред неколку дена си поднел оставка од функцијата во Тивкеш, и тој повеќе не е дел од „црвено-белите“.

За Тиквеш дефинитивно следуваат турбулентни денови. Да се издржи некако барем до зимата, а потоа да се направи еден сериозен „рестарт“. Тимот пред почетокот на сезоната беше еден од оние „стабилните“ со најава за борба за горниот дел на табелатам но со новата ситуација се менуваат и амбициите. Тие сега ќе бидат најпрво обезбедување на опстанок, а потоа одново да се најде решение за клубот, со оглед дека германскиот инвеститор Таш се покажа како неуспешен проект.

Во моментов клубот од Кавадарци е во долниот дел на табелата, на позицијата број 10, со само една победаи две ремија и дури четири порази, со пет бодови колку што има и Арсими.

Се вчитува...