Симоне Инзаги не го криеше разочарувањето откако Интер не успеа да стигне до цел плен на дербито со Јувентус, меч на кој шампионот водеше со 4-2, промаши бројни шанси и на крајот мораше да се задоволи со само еден бод (4-4).
„Можете да бидете задоволни ако тим како Јувентус ви шутне четири пати кон голот, но ако ви даде четири гола, тоа е недозволиво. Многу сум лут од сето она што го видов. Требаше да дадеме 7-8 гола, и тоа против ривал што досега сезонава имаше примено само еден погодок, и тоа од пенал. Создадовме толку многу шанси против една таква одбрана, не делувавме загрозено се до оној гол за 4-3 што можеше да биде избегнат ако покажевме малку повеќе решителност. По тој погодок Јуве се врати во мечот и на крајот израмни“, изјави Инзаги.
Тој верува дека „нероаѕурите“ ќе извлечат поука од денешното дерби, особено кога станува збор за играта во дефанзива….
„Момците работат многу добро, сакаат да ги повторат успесите од ланската сезона. Да ремизираш во ваков меч е лоша работа, заслуживме повеќе, но верувам дека ова ќе биде лекција. Неутралните навивачи уживаа, а ние ќе треба да научиме да ги користиме шансите што ги создаваме. Исто така, ќе мораме подобро да се браниме, кога ќе примиш четири гола сигурно е време за детална анализа и корекции“, порача стратегот на Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА