Симоне Инзаги еуфорично го прослави победничкиот гол на Дамфрис во 94. минута на гостувањето против Лече, со кој Интер успеа да стигне до цел плен во меч во кој „нероаѕурите“ неочекувано се мачеа против новиот прволигаш.
Стратегот на Интер го пофали својот тим поради карактерот во финишот, но испрати и критики што победата не беше осигурана порано.
„Ова е победа до која стигнавме со нашите срца, бидејќи до последната секунда верувавме дека можеме да триумфираме. Да бидам искрен, тоа е можеби и единствената позитивна работа, бидејќи кога ќе дадете прв гол во втората минута и ќе доминирате триесетина минути, мора да играте подобро, да си ја завршите работата и осигурате победата многу порано. На крајот тргнавме на се или ништо, со формација 4-2-4 и тоа вроди со плод, но не би сакал да се доведуваме во вакви ситуации во иднина“, истакна Инзаги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА