Интер како актуелен првак влезе во новата сезона како главен фаворит за скудетото во Калчо-лигата, но „нероаѕурите“ делуваат разочарувачки на стартот од Серија А.
Откако ремизираа со Џенова и со Монца, избраниците на Симоне Инзаги синоќа го претрпеа и првиот пораз, особено болен ако се знае дека е претрпен како домаќин против градскиот ривал Милан. Инзаги ја призна немоќта на својата екипа и им ја честиташе победата на противниците, опишувајќи ја како заслужена.
„Секако дека Милан е многу добар тим. Вечерва беа подобри од нас и заслужија да се радуваат. Ние игравме погрешно од самиот почеток, пристапот беше погрешен, не бевме доволно колективни на теренот, што е вистинска реткост за Интер во последние години. И во двете полувремиња почнавме слабо, му ја оставивме топката на противникот, а Милан е тим што знаеше како да го казни тоа“, истакна Инзаги.
Тој ја презеде одговорноста за слабиот почеток на сезоната на италијанскиот шампион.
„Не верувам дека бевме доволно фокусирани, речиси цел меч носевме погрешни одлуки, и кога ја имавме топката и кога таа беше кај противникот. Сите мораме подобро, почнувајќи од мене како тренер, секако дека ја преземам одговорноста. Мораме да тргнеме напред, ова беше големо дерби, наш квалитет во последните три години беше што секогаш на терен делуваме како моќен колектив, што не беше случај на овој дуел. Имам чувство дека сме преморени, повеќе ментално отколку физичко, но ќе мораме да извлечеме поуки од овој болен пораз и веќе на следниот меч да заиграме како што знаеме“, порача Симоне Инзаги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА