ИОК го потврди терминот: Игрите во Токио ќе бидат светлото на крајот од овој мрачен тунел

Летните олимписки игри и официјално го добија терминот за следното лето. Ќе се одржат од 23.јули до 8.август 2021 година потврдуваат во заедничка изјава Интернационалниот олимписки комитет, Организацискиот одбор и јапонската влада. Ова практично е само потврда на она што го најавија медиумите во Јапонија пред два дена.

„Сигурен сум дека со заедничка работа ќе го надминеме овој предизвик. Човештвото во моментов се наоѓа во мрачен тунел. Олимписките игри во Токио 2021 година ќе бидат светлото на крајот од тој тунел“ – вели во изјавата претседателот на ИОК, Томас Бах.

Сите спортисти кои веќе имаат обезбедено место на Игрите си го задржуваат пласманот, квотите за учество остануваат непроменети, а ќе бидат одредени нови термини за квалификациите кои не се одржаа поради пандемијата на коронавирусот. Под притисок на светската спортска јавност, ИОК и организаторот донесоа одлука ЛОИ да бидат одложени за следната година.

 

 

 

 

Се вчитува...