Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) го признава како легитимно единствено Редовното Изборно собрание на Македонскиот олимписки комитет (МОК) закажано на 8. февруари. Секоја друга иницијатива или состанок, свикани и организирани надвор од официјалниот статут на МОК, е нелегитимна и неприфатлива за ИОК, информираат од Меѓународниот олимписки комитите со официјалното писмо до МОК.
По иницијативата за Вонредно изборно собрание на МОК на 6. февруари, високи претставници на ИОК испратија писмо до MOK во кое изречно потенцираат дека за нив легитимно е само Редовното Изборно собрание кое, како што нагласуваат, е свикано во согласност со статутот и актите на МОК.
Писмото е потпишано од Џејмс Маклиод, директор за односи меѓу националните олимписки комитети во ИОК и Жером Поиве, директор за правни прашања во ИОК, кои нагласуваат дека ниту еден состанок на националниот олимписки комитет не може да се свика или одржи надвор од овластувањата на МОК.
„Следствено, се очекува членките на вашиот национален олимписки комитет да присуствуваат на редовното изборно собрание на 8 февруари 2024 година и да не се поврзуваат со некаков паралелен состанок или иницијатива. Ве молиме информирајте нѐ за резултатите од вашето редовно изборно собрание на 8 февруари 2024 година“ – пишува во официјалното писмо што ИОК го испрати до МОК.
Пред Редовното изборно собрание, до крајниот рок наведен во правните акти, беше поднесена само една предлог-програма за кандидатура за претседател на МОК во следните четири години. Предлог-програмата ја поднесе актуелниот претседател на МОК, Даниел Димевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА