Новиот тренер на женскиот Вардар, Ирина Дибирова, почна со работа и со подготовка за претстојниот натпревар со Туринген, последнен од главната фаза во Лигата на шампионите. Поранешната руска репрезентативка ја презеде клупата на вардарки од Шпанецот Давид Дејвис и се подготвува за својот прв тренерски предизвик.
„Ова е голем предизвик. Не знам што да очекувам јас како тренер бидејќи прв пат сум во оваа позиција, но од девојките сигурно е дека очекувам да играат добро, да бидат среќни во нивните настапи и да ја израдуваат публиката. Сега ништо брзо не може да се смени, за понатаму ќе видиме“ – вели Ирина Дибирова за официјалниот сајт на клубот.
Дибирова доаѓа на тренерската позција по катастрофалниот пораз на Вардар на гостувањето во Мец, втор во серија во Лигата на шампионите откако претходно „црвено-црните“ беа поразени и до Будуќност во Скопје. Но, иако зад себе нема тренерско искуство, новата предводничка на „црвено-црните“ вели дека не чувствува притисок пред она што го очекува Вардар и неа како тренер во завршницата од Лигата на шампионите.
„Можеби е добро бидејќи не сум била досега тренер и немам притисок. Јас размислувам како играч, но треба да размислувам и како тренер.Имам помош од Аце Станковски и од Едуард Кокшаров. Секоја екипа може подобро да игра, па и Вардар. Имаме одлични играчи со добар квалитет, треба само да ја средиме малку тактиката и ќе биде добро. Сакам да играме поагресивно и поборбено“ – вели Дибирова.
Ирина Дибирова е третиот тренер на клупата на Вардар во оваа сезона. Вардарки стартуваа под водство на Индира Кастратовиќ, пред таа да биде сменета по ремито со ФТЦ на стартот од натпреварите во ЛШ. Кастратовиќ на клупата ја наследи Шпанецот, Давид Дејвис. Под негово водство, Вардар имаше осум победи во серија, но по двата врзани порази во последните две кола, прво од Будуќност, а потоа и од Мец, Шпанецот се повлече од тренерското место и се врати на својата стара позиција како помошник на Раул Гонзалес во машкиот тим на Вардар, а на негово место сега доаѓа Ирина Дибирова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА