Ирина Дибирова: Поискусни сме и ќе бидеме посигурни во ова финале

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски

Вардар утре има втора шанса да ја освои титулата во Лигата на шампионите, а Ирина Дибирова втора шанса да стане единствена со шампионска титула во женска конкуренција  и како играч и како тренер, нешто што во машка конкутренција го има постигнато Талант Душебаев.

Дибирова две сезони е на клупата на вардар и во двете сезони игра европско финале. Овој пат изборено против нејзиниот поранешен клуб Ростов Дон.

„Среќна сум што ќе играме во финалето, иако малку жалам што игравме токму против Ростов во полуфиналето“ – изјави Ирина Дибирова по пласманот на Вардар во финалето на ЛШ.

Дуелот против Ростов Дон беше тактичко надмудрување, дисциплинирано реализирано на терен. Вардар успеа да ја сопре играта на рускиот противник, воспостави контрола и на крај заслужено славеше победа. Утре вардарки ги очекува ново финале против Ѓер. Лани македонскиот шампион за еден гол не стигна до подиумот (30-31). Една година подоцна, Вардар е зрел и силно мотивиран да не ги повтори грешките и конечно да заврши на подиумот.

Играме повторно со Ѓер за титула. Ако се прави споредба, во однос на лани, сега сме многу поискусни. Она што треба да го смениме е да одиграме посигурно во одбраната и да имаме повеќе голови од брзи контри“ – истакна Дибирова.

Дуелот меѓу Вардар и Ѓер за европската титула е утре со почеток во 18 часот.

Се вчитува...