Исак игра фантастично, но дали ќе успее да го стигне рекордот на Џејми Варди

Александер Исак ја продолжи фантастичната серија игри во дресот на Њукасл и на синоќешниот дуел со Вулверхемптон, на кој „црно-белите“ славеа со 3-0, а два од трите гола беа дело токму на шведскиот интернационалец.

За Исак ова беше вкупно 15. гол сезонава во Премиер-лигата, со што се наоѓа на третото место на листата на стрелци, зад Мохамед Салах со 18 и Ерлинг Халанд со 16 погодоци. Она што е уште поимпресивно, дуелот со Вулверхемптон беше осми во низа во Премиер-лигата на кој Исак го наоѓаше патот до противничката мрежа.

Серијата ја почна со извонредниот гол против Ливерпул, по што следеа и средбите со Брентфорд, Лестер, Ипсвич, Астон Вила, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и сега Вулверхемптон, дуели на кои Исак редовно се запишуваше во листата на стрелци.

Досега вакво нешто им успеало само на тројца фудбалери во историјата на Преимер-лигата, и тоа на Џејми Варди (октомври – декември 2019), Даниел Стариџ (ноември 2013 – февруари 2014) и Руд ван Нистелрој (декември 2001 – јануари 2002).

Ван Нистелрој тогаш нанижа девет меча со гол, а апсолутен рекордер е Варди, чија серија изнесува 11 натпревари со погодок во Премиер-лигата. Останува да се види дали Исак ќе успее да најпрвин да го израмни остварувањето на Холанѓанецот (во следното коло Њукасл игра со Борнмут), а потоа и да го нападне рекордот на легендата на Лестер.

Се вчитува...