Македонската репрезентација до 16 години со 3-0 ја победи Црна Гора на првиот контролен натпревар одигран на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Нашата младинска селекција доминираше на мечот на кој головите ги дадоа Велевски, Крстевски и Ристиќ.
Селекторот на репрезентацијата, Иљами Исејни изрази задоволство од играта, потенцирајќи дека оваа наша генерација ветува и ќе напредува во периодот до квалификациите.
„Одигравме добар натпревар. Бевме борбени и паметни во играта во текот на целиот натпревар. Доминиравме против репрезентација која воопшто не е наивна, ова за нив е прв пораз во последната година. Оваа наша генерација ветува, имам голема доверба во фудбалерите. Во следниот период ќе се обидеме да ја зголемиме конкуренцијата во тимот, бидејќи само на тој начин ќе го подобриме и нашиот квалитет. Ова се тест натпревари, сакам да ги видам и да им дадеме шанса на сите играчи. Квалификациите за оваа генерација се следната година. Убеден сум дека ќе напредуваме, сакам фудбалери со карактер и во таа насока го градиме тимот“ – вели Исејни.
Утре (четврток) во 11 часот, Македонија и Црна Гора ќе го одиграат и вториот контролен натпревар во Охрид.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

