Иско е многу блиску до враќање назад во Севилја, но овојпат како член на големиот градски ривал Бетис. Поранешниот ас на Реал Мадрид неславно ја заврши авантурата во Севилја откако најпрвин беше стартер кај тренерот Лопетеги, но по отказот на овој стратег клубот од Андалузија се откажа од одличниот плејмејкер за на крајот да го раскине договорот со него.
Иско неодамна обелодени дека имал и мал физички контакт со директорот Мончи кој буквално го избркал од клубот, по што екс-репрезентативецот на Шпанија не успеа да најде нов ангажман во последните месеци.
Тоа сега не би требало да биде проблем откако Бетис тргна во офанзива за потписот на 31-годишниот плејмејкер. „Зелено-белите“ го загубија Каналес кој се пресели во Мексико, Фекир има тешка повреда на коленото поради која е во аут најмалку до октомври, па јасно е зошто Пелегрини инсистира на инвентивен играч во средниот ред. Квалитетите на Иско се несомнени, а екс-тренерот на Реал и Манчестер Сити е убеден дека ќе успее да го врати овој фудбалер во старата добро препознатлива форма.
Понудата се однесува на едногодишен договор и се очекува Иско во следните 48 часа и официјално да ја прифати, да потпише договор и да почне со тренинзи со новиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

