Офанзивниот играч за врска на Реал Мадрид Иско Аларкон, вчера беше главната ѕвезда во гол – шоуто во изведба на Шпанија против Аргентина пријателската пресметка. „Црвената фурија“ ги понижи „гаучосите“ во Мадрид со шест гола, а три од нив ги постигна токму Иско.
Шпанецот по мечот беше сурово искрен, кога станува збор за неговите настапи за Реал споредени со настапите за репрезентацијата. Иско игра далеку подобро кога го носи националниот дрес, додека кога ги брани „кралските“ бои вели дека како да нема самодоверба.
„Натпреварите во репрезентацијата ми даваат живот и сила, во Реал немам континуитет, па така и често не сум во можност да го дадам најдоброто од себе. Тука чувствувам многу поголема доверба, во клубот можеби воопшто ја немам. Кога ќе добијам ваква шанса сакам да покажам дека сум најдобар, и од таму ќе се случи ваков настап. Селекторот Лопетеги во текот на мечот ми ја крева самодовербата. Истото не го поседувам во Реал, таква доверба како што имаат другите играчи. Можеби јас сум проблемот, можеби не знам како да се изборам за довербата од Зидан“, истакна Иско.
За да се додаде посебно значење на трите гола на Иско, тој е првиот фудбалер на Реал Мадрид кој постигнал хет-трик за Шпанија во последниве 15 години, последно такво нешто му успеа на Фернандо Мориентес против Еквадор во 2003 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА