Русија доживува фијаско на почетокот од ЕП 2020 откако „зборнаја“ во првите две кола претрпе два порази, овој вториот убедлив на дуелот со Исланд со резултат 34-23. Кокшаров повторно не успеа да ја најде добитната комбинација, Исланѓаните наметнаа пеколно темпо од самиот старт, рано поведоа со 6-3, па на одмор заминаа со убедливи 18-11, прашањето на победникот решавајќи го уште во првото полувреме . Русите во третото коло ќе се сретнат со светскиот првак Данска, така што шансите за пласман во следната рунда се сведени на теорија.
Елисон, Петерсон и Гудјонсон го предводеа Исланд со по шест погодоци. Калараш постигна исто толку за Русија, Шишкарев четири пати го матираше голманот на Исланд, додека Дибиров реализираше само еден погодок на оваа средба.
Белорусија е потенцијален ривал на Македонија во втората фаза откако оваа селекција славеше во клучниот меч за второто место во групата А, над репрезентацијата на Црна Гора со 36-27. Белорусите целата работа ја завршија во вториот дел од првото полувреме, кога по водството на ЦРногорците од 4-6 направија серија од 10-3, пресврт со кој си создадоа предност што потоа ја сочуваа до самиот крај.
Германија рутински ја одработе задачата против Летонија, триумфирајќи со резултат 28-27. Криштопанс постигна седум гола за Летонците, но оваа селекција сепак немаше сили да приреди сензација, пред се поради слабото прво полувреме што фаворитот го доби со 16-11. Најефикасни во таборот на Германците на овој натпревар беа Кун со осум и Генсхајмер и Друкс со по четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА