Исланд испиша историја станувајќи најмалата држава што успеала да стигне до место на фудбалски мундијал, надоврзувајќи се на фантастични игри на последното Европско првенство, на кое оваа селекција стигна до четвртфиналето, на патот до Топ 8 елиминирајќи ја и големата Англија. Дека напорната работа и вистинскиот проект носат резултати на долг рок доказ е и „исландската бајка“, со која оваа селекција за десет години од дното на европскиот фудбал сега стана репрезентација за почит, која зад себе во групата ги остави Хрватска, Украина, Турција…
Само за споредба, пред десет години националниот тим на Исланд ги поминуваше најтешките денови во репрезентативниот фудбал. На 17. октомври 2007 година, Ислаѓаните против моментално четвртата најслаба репрезентација во Европа, Лихтенштјан, прими три гола во својата мрежа на „Реинпарк“ стадионот во Вадуз (3-0), меч одигран во рамките од квалификациите за ЕП 2008. За Лихтенштајн тоа беше втора најубедлива победа во нивниот репрезентативен фудбал, додека Исланд го допре дното против еден од најлошите тимови на Стариот континент. Во квалификациската група Ф, исландската репрезентација освои само 8 поени, токму Лихтенштајн беше репрезентацијата со помалку бодови во групата.
За СП 2010,во квалификацискиот циклус Исланд беше во група со репрезентацијата на Македонија, па во Скопје ја оствари единствената победа од 2-0, завршувајќи во групата на последното, петто место.
Еуро 2012 квалификациите беа уште едно големо разочарување за Исланд. Само една победа и едно реми, двете против репрезентацијата на Кипар, но никој не знаеше дека тоа е само почеток на фудбалска револуција.
За Мундијалот во Рио во 2014 година, Исланд направи историски успех откако заврши на второто место во групата Е, па обезбеди пласман во баражот. Сепак, добија голема шлаканица од репрезентацијата на Хрватска откако го загубија двочемот, по ремито без голови на домашен терен, во Загреб беа поразени со 2-0, Срна и Манџукиќ донесоа радост за „коцкестите“.
Минатогодишниот историски пласман на ЕП во Франција, го обезбедија како втортопласирана репрезентација од групата А, со 20 освоени бода зад Чешка. Го направија и најголемото изненадување на првенството. Покрај одличната атмосфера создадена од нивните верни навивачи, Исланд се истакна меѓу најдобрите 8 во нокаут фазата, откако ја елиминираа Англија во осминафиналниот дуел. Домаќинот Франција беше преголем залак за нив, но и покрај петте примени погодоци во својата мрежа, ги израдуваа фановите со два погодоци зад грбот на Љорис.
Десет години подоцна, Ислад за прв пат во нивната историја обезбеди пласман на Светското првенство. Со победата над Косово од 2-0 во Рејкјавик, Исланд како прва репрензетација од групата И ќе патува во Русија следната година. Единственото изненадување за нив беше поразот од Финска од 1-0 на гостински терен, додека вториот пораз го доживеаја од Хрватска со резултат од 2-0.
Исландскиот сон не застанува тука, Сигурдсон и компанија сега ќе пркоси на светските сили.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА