Исландскиот селектор Геир Свеинсон денеска го објави списокот на ракометари на чии услуги ќе смета за претстојните квалификациски натпревари против Македонија за пласман на ЕП 2018 во Хрватска. Двете селекции се сретнаа во групната фаза од последниот мундијал во Франција, мечот заврши нерешено, а Свеинсон направи само една значајна промена – во тимот враќајќи го најдобриот исландски ракометар Арон Палмарсон.
Асот на Веспрем поради повреда го пропушти светскиот шампионат, но успеа да се рехабилитира, во последно време игра одлично за унгарскиот гигант и нема никаков сомнеж дека ќе биде предводник на исландскиот состав најпрвин на мечот во Скопје на 4 мај, како и на реваншот во Рејкјавик три дена подоцна.
„Секако дека камбекот на Палмарсон е одлична вест за нас. Тој е извонреден ракометар кој во последно време игра одлично, и самиот е возбуден што повторно ќе игра за репрезентацијата. Не се решив за посериозни промени во однос на составот на последниот мундијал, сметам дека има можност за подобрување, но не сакав да експериментирам се до клучните натпревари во овие квалификации“ – изјави исландскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА