Исландските ракометари не го криеја разочарувањето по поразот претрпен во Скопје, со кој носителот во групатаа значително си ја отежна работата во битката за билет за Европското Првенство што во јануари ќе се одржи во Хрватска. Арон Палмарсон се врати во репрезентативниот табор за овој двомеч, но ниту асот на Веспрем не успеа да го запре налетот на нашиот национален тим.
„Чувството е многу лошо, да се загуби со пет гола на еден ваков натпревар. Не верувам дека потпаднавме под атмосферата во салата, но разочарани сме бидејќи знаеме дека можеме и мораме да играме многу подобро. И самиот не бев на потребното ниво, не ги изолирав доволно нивните најслаби одбранбени играчи. И одбраната не играше како што треба, свесни сме каде грешевме, а сега имаме само неколку дена за да ги отстраниме грешките и да се прикажеме во многу подобро светло на дуелот на домашен терен“ – изјави Палмарсон.
Голманот Пол Берген Густавсон дури и самиот постигна гол, за водство на Исланд во второто полувреме, но тоа беше се што гостите успеаја да сторат на дуелот во СЦ „Борис Трајковски“.
„Разочарани сме и мораме добро да анализираме, Македонија цело време играше преку бековите или пак додаваше на пивотот, не користејќи ги крилата освен при контранападите. Ккога стана тесно тие ги имаа во своите редови Миркуловски и Кире Лазаров, играчи од светска класа кои ги преземаа работите во своите раце. Знаеме колку е тешко да се игра во Скопје, сепак се надевавме дека ќе успееме да останеме непоразени. Тоа не се случи, но сега мораме да се фокусираме на следниот меч на домашен терен, за да ги отстраниме грешките што ги правевме“ – истакна Густавсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА