Исник Алими: Јас сум во функција на тимот, ќе играм на секоја позиција каде ќе сум потребен

ЕКИПА во Рига, Летонија

Владимир Булатовиќ

Исник Алими веќе континуирано се наметнува како еден од клучните играчи во средниот ред на македонската репрезентација, со константноста во својата игра преку која внесува сигурност на својот дел од теренот.

Алими вечерва во Рига, пак, одговори и на предизвикот да помогне и на стоперската позиција, максимално одговорајќи на барањата на селекторот Милевски.

„Прво и најважно од овој меч се секако трите бода. Постигнавме гол уште во првото полувреме, како што посакувавме пред мечот, иако имавме шанси и за поубедлива предност во првите 45 минути. Но, во вториот дел покажавме вистинска конкретност во завршницата за заслужени три гола и три бода“ – вели Алими и дополнува:

„Овој меч ни беше важен за да не дозволиме кикс како против Фарските острови. Важен и за помирен пат сега во Ереван, иако е јасно дека и таму одиме на победа“.

Алими денеска принудно одлично реагираше и на стоперската позиција заменувајќи го Висар Муслиу кој беше принудно заменет поради повреда.

„Се надевам дека Висар ќе биде добар и дека нема да имаме повреди, затоа што, за жал, тие некако не мачат овој период. А, јас сум тука секогаш да одговорам на задачите на селекторот. Подготвен сум да помогнам на секоја позиција онака како што од мене бара стручниот штаб, на било која позиција. Вечерва и соиграчите ми помогнаа и секако убаво е кога нема да се прими гол“ – вели Алими.

Се вчитува...