Испливаа детали за разделбата на Модриќ и Реал: Приватен состанок со Флорентино, молба да остане, но…

„Испливаа“ во јавноста деталите за одлуката на Лука Модриќ да го напушти Реал Мадрид, кој по 13 години исполнети со трофеи, награди и незаборавни моменти сега си заминува од „Сантијаго Бернабеу“.

Според информациите од шпанскиот весник „Релево“, одлуката за разделба била донесена на приватен состанок меѓу Модриќ и претседателот на клубот Флорентино Перес.

Иако 39-годишниот Хрват јасно ја изрази својата желба да остане уште една сезона, Перес го информираше дека Реал Мадрид го менува курсот – приоритет во наредните години ќе биде инвестирањето во помлади играчи.

Во овој контекст, раководството на клубот одлучи да му понуди на Модриќ симболично продолжување на договорот само за еден месец, за да има можност достоинствено да се збогува со навивачите и да игра за последен пат пред полните трибини на „Бернабеу“.

Модриќ ќе се збогува со домашната публика во сабота, а потоа ќе учествува со Реал на Светското клупско првенство, кое започнува кон средината на јуни. Тоа ќе биде негова последна шанса да додаде уште еден трофеј во својата импресивна колекција.

Да потсетиме, Модриќ освои шест титули во Лигата на шампионите, а во 2018 година стана првиот играч по повеќе од една деценија што ја прекина доминацијата на Меси и Роналдо со освојување на „Златната топка“.

Се вчитува...