Истанбул е среќен град за пенал-рулет за Ливерпул

Ливерпул го освои Супер-купот на Европа откако вечерва по подобро изведување на пенали славеше над Челси. По 120  минути игра резултатот гласеше 2-2, но во пенал-рулетот „црвените“ беа поуспешни, реализирајќи ги сите пет пенали, додека трагичар на Челси беше младиот Абрахам, промашувајќи го ударот од белата точка во петтата серија. Со тоа, Истанбул остана среќен град за „црвените“ кога станува збор за пенал-завршницата, откако Ливерпул на идентичен начин во турската метропола се закити и со титулата во Лигата на шампионите во 2005 година, во незаборавното финале со Милан.

Клоп се реши за експеримент во формацијата, уфрлајќи го Окслејд Чембрлен на местото на Фирмино, со што ги остави Мане и Салах како најистурени во тимот на Ливерпул. Тоа ја наруши хармонијата во играта на „црвените“, па Челси предводен од извонредниот Канте успеа да ја наметне доминацијата на средината од теренот. „Сините“ беа подобар противник во првото полувреме, по што заслужено поведоа преку Жиру, кој го совлада Адријан на асистенција на Пулишиќ. Челси веднаш потоа постигна и втор гол преку Пулишиќ, но овој погодок беше поништен поради офсајд.

Клоп ја призна грешката откако на самиот почеток од вториот дел го уфрли Фирмино, по што Бразилецот веднаш учествуваше во акцијата за израмнувачкиот погодок, асистирајќи му на Мане во 48. минута. Ливерпул потоа имаше уште две убави шанси за неколку минути, но не успеа да стигне до експресен пресврт. Најубавата шанса за втор гол во второто полувреме ја пропушти Ван Дајк, чиј удар Кепа со многу среќа го одби од дирекот.

До крајот немаше погодок, но затоа многу интересно беше во првото продолжение од 15 минути. Садио Мане го комплетираше пресвртот на Ливерпул откако по одличното двојно додавање со Фирмино повторно го матираше Кепа. Сепак, радоста на Ливерпул траеше премногу кратко, Адриан најпрвин му одбрани зицер на Абрахам, но само една минута подоцна неспретно го фаулираше напаѓачот на Челси во својот петерец, по што Жоржињо од пенал израмни на 2-2. Абрахам потоа имаше стопроцентна шанса самиот да се запише меѓу стрелците, но младиот напаѓач на Челси од работ на петерецот шутираше крај дирекот. „Сините“ беа поблиску до победата и во второто продолжение, но Адриан со крајни напори го одбрани ударот на младиот Маунт.

На крајот пресуди пенал-рулетот, во кој Адриан се претвори во херој бранејќи го пеналот на Абрахам во петтата серија, за нов европски трофеј на Ливерпул.

Се вчитува...