Европската фудбалска федерација (УЕФА) има план одреден број навивачи да присуствуваат на финалниот натпревар од Лигата на шампионите на 29 мај во Истанбул.
УЕФА ги извести четвртфиналистите од најелитното европско натпреварување дека на финалето треба да присуствуваат најмалку 9000 навивачи, а дел од влезниците ќе им бидат дадени на навивачите на двата клуба. Според информациите, планирано е да се продаваат таканаречени ‘паметни билети’. Фановите ќе ги добиваат на мобилни телефони, а добитниците ќе бидат внимателно избрани.
Овој систем на билети спречува препродажба и само навивачите кои навистина го купиле билетот за финалниот натпревар ќе можат да присуствуваат на овој фудбалски спектакл.
Конечната одлука за присуството на навивачи ќе биде донесена по состанокот со турската влада, но УЕФА е многу оптимист дека ќе се пополнат дел од трибините. Финалето во Лигата на шампионите ќе се одигра на 29 мај на стадионот „Ататурк“, кој има капацитет од 75.415 гледачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА