ИСТОРИЈА: Алкалоид на пенали до европско финале

Ракометарите на Алкалоид оствари историски успех пласирајќи се во големото финале на ЕХФ Европскиот куп откако денеска победија на пенали од Рујнар Сандефјорд, откако реваншот во Норвешка заврши со идентични пет гола разлика за домаќините како што тоа беше случај и со првиот меч во Скопје. Успехот е уште поголем ако се знае дека Алкалоид повторно беше без Марко Митев, но и без повредениот капитен Ѓоргиев, но и во отсуство на овие двајца ракометари македонскиот тим собра сили да стигне до историски резултат (35-32, 34-29 по регуларните 60 минути игра).

Мечот почна со фуриозна игра на норвешкиот претставник, кој за нецели седум минути ја анулираше негативата од првиот меч, поведувајќи со 6-1. Лазаров беше принуден да побара тајмаут во раната фаза од мечот, но советите на тренерот на Алкалоид го разбудија неговиот тим. „Сино-белите“ ја вратија сигурноста во нападот што ги красеше во текот на првиот меч во Скопје, успевајќи да ја намалат негативата до 14-10, потоа и до 16-14. Рунар сепак нешто подобро го заврши првото полувреме, па домашниот состав на одмор замина со предност од четири гола (19-15).

Алкалоид за разлика од првото, заигра далеку подобро од стартот на второто полувреме. Македонскиот претставник изненади намалувајќи најпрвин на три, а нешто подоцна и на два гола негатива (преку Велковски за 25-23). Рунар одговори со два брзи гола за 27-23, на осум минути до крајот резултатот гласеше 30-27, кога Норвежаните со нови три гола во низа стигнаа до посакуваните „плус шест“. Алкалоид уште еднаш покажа фантастичен карактер, прецизни беа Дамјан Митев и Ивановски, па мечот заврши со конечни 34-29, за идентични пет разлика како оние со кои Алкалоид славеше во Скопје.

Се пристапи кон пенал-рулет, а во него македонските ракометари биеја беспрекорно, Галевски блесна на голот кога беше најважно и донесе историски 35-32, за финале на Алкалоид во ЕХФ Европскиот куп, каде нашиот тим за противник ќе го има грчки АЕК.

Дамјан Митев со девет гола беше најефикасен во таборот на Алкалоид, осум постигна Серафимов, додека Велковски и Ивановски постигнаа по четири погодоци во овој историски меч за „сино-белите“ од Автокоманда.

Се вчитува...