Норвешки Бодо/ Глимт продолжува со извонредната сезона на европската сцена, издвојувајќи се како најголем фудбалски хит сезонава на Стариот континент запишувајќи историја за својата земја. За првпат во историјата екипата од малото норвешко гратче ќе игра полуфинале во Лигата на Европа, откако по изведувањето на пеналите вечерва во Рим го елиминираше Лацио.
Лацио, и претходно низ регуларниот дел од мечот, успеа повеќе од среќно да се извлече до продолженија, со голот на Нослин дури во 93. минута од регуларниот дел за 2-0, со што римјаните ја анулираа предноста на Норвежаните од првата средба во Бодо.
Па, во продолженијата најпрво Лацио со голот на Диа во 100. минута дојде до 3-0, но Бодо/ Глимт со погодокот на Хелмерсон во 109. минута се избори за 3-1 и пенали.
А, потоа во пенал-рулетот Бодо/ Глимт успеа да погоди три удари од белата точка, наспроти само два на „лацијалите“ кои пред 55.000 гледачи на „Олимпико“ мораа да се помират со елиминацијата.
Бодо/ Глимт во полуфиналето од Лигата на Европа ќе игра со лондонски Тотенхем. Во другото полуфинале ќе играат Манчестер јунајтед и Атлетик Билбао.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА