Кевин Дурант од денеска и официјално е нов член на Хјустон откако се реализираше големата размена, историска во НБА-лигата ако се знае дека е прв „трејд“ во најсилната лига во светот во кој учествуваа дури седум екипи.
Покрај Хјустон и Феникс, дел од оваа мега-размена на играчи и пикови на следните драфтови беа уште и екипите на Голден Стејт, Бруклин, Атланта, ЛА Лејкерс и Минесота, кои сите дадоа свој придонес за 15-кратната олстар-ѕвезда да стане дел од „ракетите“.
Челниците на Хјустон си ја исполнија желбата и го доведоа Дурант во своите редови, а заедно со него од Атланта пристигна центарот Клинт Капела.
Феникс остана без големата „ѕвезда“, но „сонцата“ ги добија Брукс, Грин и Малуач од Хјустон, како и Коби Бри од Голден Стејт, Рашир Флеминг од Минесота и Плауден од Атланта, плус пик од втората рунда на драфтот во 2026 година.
Атланта направи простор во својот селари кап, плус доби пикови на драфтот од Хјустон, додека Голден стејт сега ги има правата на Алекс Тухеј од Феникс и Џамал Машак од Хјустон, иако е неизвесно дали „воините“ ќе ги задржат овие двајца кошаркари или ќе им ги расинат договорите.
Бруклин доби два пика од втората рунда за драфтот во 2026, а овој тим го испрати во Лос Анџелес крилниот кошаркар Аду Тиеро.
За кругот да биде комплетен, Минесота го доби центарот Роко Зикарски од Ла Лејкерс, два пика од вториот круг од следните два драфта, како и паричен надомест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

